• четврток, 26 декември 2024

ЦУК предупредува на ризици од употреба на електрични тротинети, бара надлежни институции да присуствуваат на координативните средби

ЦУК предупредува на ризици од употреба на електрични тротинети, бара надлежни институции да присуствуваат на координативните средби

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Центарот за управување со кризи ги повикува надлежните институции да присуствуваат на координативните средби, за да се договараат за употребата и изнајмувањето на електричните тротинети со цел намалување на ризиците по здравјето и да се заштити безбедноста и на возачите и на останатите учесници во сообраќајот, рече на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Тој кажа дека заклучно со мај годинава со повреди се здобиле 11 лица од кои две со тешки телесни повреди, останатите со телесни повреди. Покрај возачите на електрични тротинети, настрадале и други учесници во сообраќајот, пред се пешаци. Претходната 2022 година, според евиденцијата на МВР имало 49 повредни, од кои осум со тешки телесни повреди, 41 со телесни повреди. Во 2021-та година пак, настрадале 30 лица.

Прес-конференција на директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов во врска со состојбата со пожари на отворен простор.

- Имајќи предвид дека од неодамна во употреба се пуштени 500 електрични тротинети за изнајмување коишто се лесно достапни, вклучително и за деца од уште помала возраст од онаа која ја предвидува законот, за деца од 14 години нагоре како и за возрасни лица во Центарот за управување со кризи закажавме и одржавме две координативни средби. Покрај претставници на ЦУК учествуваа и претставници од МВР и Министерство за транспорт и врски. За жал и покрај уредните покани, некои институции не дојдоа на координативните средби, како Секторот за сообраќај на градот Скопје, трговското друштво „Бин Бин“, ЈП Градски паркинг и Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата. Се надевам дека на некоја од следните координативни средби ќе дојдат за да поразговараме за опасностите кои се појавуваат од употребата на електричните тротинети, кажа на прес-конференцијата Ангелов.

На координативните средби на ЦУК се посочи дека покрај позитивните страни кои ги има употребата на електричните тротинети има и ризици, кои, како што посочи Ангелов се зголемени откако се пуштени во промет 500 електрични тротинети за изнајмување. Тој кажа дека законската слабост е што тротинетите можат да се користат без дозвола и дека никој не ги проверува корисниците меѓу нив и децата и дали ги познаваат сообраќајните прописи. За Ангелов е слабост и старосната граница, бидејќи деца од 14 години се рамноправни учесници во сообраќајот. Тој рече дека се случува и помали деца да користат тротинети и апелираше до родителите да внимаваат, бидејќи нивните малолетни деца можат да управуваат со изнајмени тротинети.

- Овие за изнајмување се лесно достапни за секого и покрај возрасните, посебно се ранливи децата, некои од нив не знаат да управуваат, некои немаат доволно вештини да управуваат со електрични тротинети. Лицето коешто управува електричен тротинет со брзина  од 25 километри на час при несреќен случај може да се здобие со тешки телесни повреди, па дури и со животно-загрозувачи повреди, кажа Ангелов.

Тој предупреди дека дел од возачите користат и слушалки и можат да се доведат и себе си во опасност и останатите учесници во сообраќајот. Спорно, за него е што дел од возачите не носат заштитна кацига. Тој ги повика медиумите да се развие ова тема во јавноста, да се дебатира.

Ангелов како што кажа на прес конференцијата, на референдум во Париз 90 од граѓаните се изјасниле против користење на изнајмени електрични тротинети, зашто создавале безредие и ја намалувале безбедноста и на самите возачи и на останатите граѓани. За една година, како што сподели информации, во Париз загинале тројца возачи и имало 460 повредени лица. Тој ги повика надлежните институции да почнат кампања за правилно употребување на електричните тротинети, бидејќи расте бројот на корисници и додаде дека како ЦУК немаат против користењето, но бараат да се употребуваат согласно законските прописи.

Согласно Законот, возачите на електрични тротинети можат да се движат на велосипедска патека или ако нема, тогаш на пешачка патека или друга површина по десна лента со 25 километри на час, каде што поминуваат пешаци брзината на движењето не смее да биде поголема од шест километри на час. Возачите треба да носат заштитна кацига, во ноќните часови да носат рефлектирачки елеци, не смеат да носат животни.

- Прво прашање кое го поставуваме дали законот е доволно добар, дали е безбедно дете од 14 години да има право да управува со електричен тротинет со брзина од 25 километри, колку се почитуваат правилата предвидени со законот, дали и колку забележуваме лица кои возат електрични тротинети без да носат заштитна опрема, колку често забележуваме тротинет фрлен непрописно, попречно на тротоар, улица, паркинг на површини каде се движат пешаци велосипедисти, изјави Ангелов.

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе предложат на средбите Ангелов кажа дека очекува во текот на неделава да закажат уште една координативна средба на која очекуваат присуство од сите надлежни институции, додавајќи дека особено е важен градот Скопје, бидејќи засега само во Скопје се изнајмуваат електрични тротинети. Тој повтори дека е важно да дојдат и претставници на компанијата која ги изнајмува и секторот за безбедност на патниот сообраќај од градот Скопје.

-На тие координативни средби ќе одлучиме дали и што ќе предложиме понатаму, изјави Ангелов. ам/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан