• вторник, 20 јануари 2026

ЦУК: Обилните врнежи предизвикаа излевања реки во Кочанско и во Охридско

ЦУК: Обилните врнежи предизвикаа излевања реки во Кочанско и во Охридско

Скопје, 8 јануари 2026 (МИА) - Поради обилните врнежи од дожд на територијата на Македонија, заклучно до 18 часот регистриран е зголемен водостој на реките, локални излевања и интервенции на надлежните служби во повеќе региони.

- Во Штипско-кочанскиот Регион е зголемен водостојот на реките и одводните канали. Кочанска Река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ - Кочани со механизација. Оризарска Река е излеана кај селото Грдовци, каде што интервенира Водостопанство „Брегалница“, а МВР ПС Кочани врши обезбедување и регулирање на сообраќајот. Зрновска Река има излевање пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи РЦУК. Злетовска Река и Брегалница се со зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица - рудник „Саса“ се интервенира поради одрон, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи.

Во Охрид, како што посочуваат од ЦУК, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. Интервенираат ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ со механизација, а ТППЕ и ДЗС со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. РЦУК Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска Река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, преземени се мерки за заштита на патната инфраструктура.

Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините е заезерен, а состојбата на поплавените објекти на улицата Прилепска е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување, а Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.

Во Битолскиот Регион, во општина Битола се вршат контроли на терен од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонијапат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а „Водостопанство“ ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозени површини.

Во Куманово, Липково и во Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и „Водостопанство“, а „Македонијапат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно посолување и расчистување на ризични патни делници.

Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација од приватна фирма. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.

Од ЦУк посочуваат дека надлежните институции ја следат состојбата и апелираат на внимателност, особено во ризичните подрачја. дма/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан