• среда, 25 декември 2024

ЦРТА: Изборната кампања течеше и заврши во магла од неодговорени прашања

ЦРТА: Изборната кампања течеше и заврши во магла од неодговорени прашања

Белград, 13 декември 2023 (МИА)- Вознемирувачките сведоштва на граѓаните за притисоците на кои се изложени, основаните сомнежи за фалсификување потписи за поддршка на кандидатурите, манипулација со избирачкиот список и злоупотреба на приватните податоци на граѓаните го доведуваат во прашање интегритетот на институциите на српската држава, соопшти невладината организација Центар за истражување, транспарентност и одговорност- ЦРТА

По првите три недели од изборната кампања во Србија, како што јави дописникот на МИА од Белград, кога ЦРТА ги презентираше своите наоди, тие издвоија три клучни зборови кои го одбележаа првиот дел од изборната кампања. Тоа се нееднаквост, закани и сомнеж.

Главните наоди на ЦРТА во однос на вториот дел од изборната кампања беа презентирани на денешната прес конференција.

-Кампањата течеше и завршува во магла од неодговорени прашања - зошто само во дел од локалните самоуправи се распишаа посебни избори, кој е, а кој не е кандидат на овие избори, која партија легитимно учествува, а која партија учествува врз основа на фалсификувани потписи, кој во кампањата е јавен функционер, а кој партиски активист, дали институциите се активни само како слуги на партиите во кампањата и, конечно, колку можеме да имаме доверба во избирачкиот список, особено во однос на изборите во Белград, изјави шефот на Набљудувачката мисија на Црта, Раша Недељков.

Јавниот простор го карактеризираше запалива реторика и поттикнување на нетрпеливост, а во последните недели пред изборите беа забележани повеќе случаи на насилство, напади врз поединци и други инциденти.

-Како и во првиот дел од кампањата, така и во нејзиното продолжение на јавниот простор доминираше претседателот на Србија, иако тој не е кандидат на изборите, изјави Тамара Бранковиќ, заменик-шеф на мисијата на ЦРТА, повикувајќи се на фактот дека Александар Вучиќ имал 14.500 секунди повеќе во телевизиските програми со национално покривање, за разлика од сите претставници на опозицијата заедно.

Во информативните програми на споменатите радиодифузери, владејачкото мнозинство зазема повеќе од 90 проценти од времето наменето за домашните политички актери.

ЦРТА до надлежните органи доставила 67 пријави за прекршување на законот и разни неправилности во текот на кампањата, од кои 40 до Агенцијата за спречување на корупцијата, 22 до РЕМ и пет до Надзорниот одбор на Народното собрание.

-На ЦРТА му се обратија голем број граѓани кои беа загрижени поради тоа што пристигнале покани за гласање до луѓе кои, како што тврдат, не живеат на нивните адреси, беше кажано на прес конференцијата.

ЦРТА ги повикува граѓаните да продолжат да контактираат со неа во врска со овие и сите други проблеми што ќе ги забележат пред или за време на денот на изборите, бидејќи главната цел на Набљудувачката мисија е да го брани интегритетот на изборите во интерес на граѓаните и нивните избирачки права, што е во голема мерка загрозен од инертноста на државната институција и неодговорните постапки на учесниците на изборите. об/сд/

Остани поврзан