• среда, 27 ноември 2024

Црногорското Министерство за здравство предупредува: Вакцинација против морбили или поостри мерки

Црногорското Министерство за здравство предупредува: Вакцинација против морбили или поостри мерки

Подгорица, 29 август 2024 (МИА) - Министерството за здравство на Црна Гора апелираше до родителите да ги вакцинираат децата против мали сипаници и така да придонесат за колективен имунитет, бидејќи во спротивно ќе мора да воведат поостри мерки.

Ова произлегува од одговорот на Министерството на прашањата од весникот „Вијести“ за тоа дали ќе ги прифатат предлозите на Институтот за јавно здравје во врска со актуелната епидемија на морбили. Училишната година започнува в понеделник, 2 септември, додека епидемија на мали сипаници е официјално прогласена во Подгорица и Будва. Институтот претходно му предложи на Министерството предводено од Воислав Шимун да го измени законот со цел на невакцинираните деца да им се ограничи престојот во училишта и градинки или да воведе привремени мерки во општините каде што е пријавена епидемија на мали сипаници.

„Министерството за здравство во соработка со државните институции и партнери од меѓународниот и невладиниот сектор креираше цела низа позитивни мерки и активности насочени кон родителите, со цел да се зголеми одзивот за вакцинација на децата, кој во моментот не е задоволителен, особено поради околностите на почетокот на новата учебна година. Доколку овие мерки во најскоро време не дадат резултати, Министерството ќе биде принудено да размисли за воведување мерки со кои ќе се намали обемот на правата за одредени возрасни групи“, се вели во одговорот, пренесува „Вијести“. Од Министерството, сепак, не прецизираа кои ќе бидат овие мерки.

Министерството за здравство потсети дека според Законот за заштита на населението од заразни болести е пропишана обврската за вакцинација, како и казнените одредби за непочитување на обврските пропишани со закон. Министерството цврсто стои зад политиката на задолжителна вакцинација и ги повика родителите да ја послушаат стручната фела и да ги доведат децата на вакцинација, со цел да се намали ризикот од ширење на епидемијата и сите несакани последици.

Епидемија на мали сипаници е прогласена во Будва и Подгорица, а надлежните веруваат дека со почетокот на училишната година ситуацијата ќе се влоши. Меѓу 19-те заразени, колку што се регистрирани од април до оваа недела, нема ниту едно дете кое е правилно вакцинирано против морбили.

Според податоците на ИЈЗ, опфатот со една доза MMR вакцина меѓу децата од предучилишна возраст во Црна Гора изнесува 59,7 проценти. MMR вакцината ја примиле 83 проценти од децата родени во 2018 година, додека 76,7 проценти од децата родени во 2019 година.

Меѓу децата родени во 2020 година, опфатот е 69,7 проценти, додека само половина од децата родени во 2021 година се вакцинирани против мали сипаници. Опфатот на вакцинирани меѓу децата родени во 2022 година е 32,1 процент, а во 2023 година само 13,8 проценти.

Според важечкиот Закон за заштита на населението од заразни болести, вакцинацијата против десет заразни болести, вклучително и мали сипаници, е задолжителна. За родителите се предвидени казни до 2.000 евра доколку одбијат и не овозможат вакцинација на нивното дете од предучилишна или училишна возраст против овие болести, освен во случај на медицинска контраиндикација која ја утврдува лекар или стручен тим, пренесува „Вијести“.ссм/

фото: архива

Остани поврзан