• вторник, 12 ноември 2024

Црна Гора денеска го слави Денот на државноста

Црна Гора денеска го слави Денот на државноста

Подгорица, 13 јули 2023 (МИА) - Црна Гора денеска го слави Денот на државноста, во спомен на 13 јули 1878 година, кога беше призната како независна држава на Берлинскиот конгрес, како и истиот датум во 1941 година, кога народот на Црна Гора започна востание против фашизмот.

По повод Денот на државноста, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, синоќа приреди прием, на кој порача дека за народот на Црна Гора нема поважен датум од 13 јули, бидејќи тоа е „вредносната вертикала на развојот на земјата, заснован на слобода, антифашизам и еднаквост“.

Тој рече дека „вековната борба за опстанок, на карпестиот крстопат на Европа, ја направи Црна Гора симбол на истрајноста, чија секоја педа слобода е скапо платена со животите на најдобрите синови и ќерки“.

„Пламенот на непослушноста никогаш не е изгаснат на овој наш карст“, додаде Милатовиќ.

Тој рече дека нема 13 јули 1941 година без 13 јули 1878 година.

Според него, два идентични датума во месецот, разделени со 63 години, всушност се симбиоза на слободата и пркосот, како најважни карактерни одредници на црногорските аспирации за државност.

„Нема поважен датум за нашиот народ од овој, што е причина за собирот, бидејќи тоа е вредносната вертикала на развојот на нашата земја, заснован на слобода, антифашизам и еднаквост“, рече Милатовиќ.

На приемот во Сината палата во Цетиње присуствуваа претставници на политичкиот, научниот, културниот, економскиот и спортскиот живот на Црна Гора, народни херои и поранешни државни функционери. Имаше и претставници на дипломатскиот кор и високи претставници на меѓународни организации и институции.

По повод Националниот ден на Црна Гора неработни денови се 13 и 14 јули. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан