• четврток, 26 декември 2024

Црната листа на САД најверојатно ќе се проширува и со други, целта е да помогне во напорите за борба против корупцијата

Црната листа на САД најверојатно ќе се проширува и со други, целта е да помогне во напорите за борба против корупцијата

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Црната листа на САД ќе се проширува и покрај името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на неа ќе се најдат и други македонски граѓани, најави американската амбасадорка Анџела Агелер. Додека американскиот заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се надева дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на Мерко на „црната листа“ на САД поради „значителна корупција“, ќе и помогне на Владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, за премиерот Димитар Ковачевски тоа потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт, посочувајќи дека „нашите истражните и правосудни органи треба да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години“.

Американската амбасадорка Анџела Агелер, нагласи дека овој процес на назначување трае подолго и е процес кој внимателно се спроведува и се врши ревизија на сите докази и се што е утврдено.

- Има една листа на имиња кои се во процес на ревизија и на разгледување и откако ќе се утврдат сите факти ќе се донесе одлука. Не можам точно да кажам за временските рокови кога би се реализирале сите овие процеси, но сметам дека ќе има и други на листата, но не би можела да кажам точно кога, изјави Агелер при вчерашната посета на Штип.

Во Соединетите Американски Држави, додаде, имаме многу сериозен пристап кон борбата со корупцијата.

 

-Секогаш кога ќе се утврдат докази за корупција сметаме дека народот на Северна Македонија има право да знае и да има избрани претставници во кои ќе може да веруваат и да бидат стабилни. Тука завршува ангажманот на САД и ние не можеме да кажеме што понатаму би требало да направат Владата и судството на Северна Македонија и какви мерки да преземат, прецизира Агелер.

Нагласи дека ќе продолжат да соработуваат со тие што имаат добра волја за докрај да се реализираат процесите.

- Ова е сериозно прашање за нас, но тука имаме и прекрасни партнерства со претставници од Владата и други претставници од земјата со кои имаме навистина одлични односи и ќе продолжиме со нашите заложби за да обезбедуваме секаков вид на помош за и понатаму да продолжи нашето партнерство и соработка, изјави Агелер.

Ставањето на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко на црната листа на САД, според премиерот Димитар Ковачевски, потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт.

ППремиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во Владата ќе има промена само на министерското место за локална самоуправа, но не и на челните места на други министерства.

Во одговор на новинарско прашање, Ковачевски вчера од Виница упати критики до домашните истражни и правосудни органи што досега не успеале да дојдат до информации за струшкиот градоначалник.

- Наводите што се наведени за ставење на црната листа на градоначалникот на Струга, се сериозни. Се работи за неколку основи. Нашите истражните и правосудни органи треба да ги испитаат наводите што се наведени во соопштението од Стејт Департментот и да се запрашаат како САД дошле до такви информации на коишто ја базираат својата одлука, а се наоѓаат неколку илјади километри далеку од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци сите овие години, рече Ковачевски. 

Според премиерот, овој случај уште еднаш потврдува колку е важно да продолжат европските интеграции на земјата кои меѓу другото значат и зголемување на нивото на правото на владеење и борбата против корупцијата.

Во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, Ковачевски рече дека одговор на ова прашање ќе мора да даде самиот градоначалник затоа што тој е избран функционер на непосредни избори, а до советниците во Општина Струга упати порака добро да размислат како ќе продолжат понатаму.

- Сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите. Да не заборавиме - тој бил градоначалник во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во Општината, рече Ковачевски.

Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска очекува реакција од домашните правосудни органи откако САД го прогласија за персона нон грата струшкиот градоначалник Рамиз Мерко поради неговата вмешаност во значителна корупција.

-Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда, порача вицепремиерката Грковска на Фејсбук.  

Американскиот заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изрази надеж дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на струшкиот градоначалник на „црната листа“ на САД поради „значителна корупција“, ќе и помогне на Владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата.

Специјалниот пратеник на американската администрација за Западен Балкан, Габриел Ескобар ги повика лидерите во регионот да се фокусираат на мултиетничкото помирување.

Ваквата изјава Ескобар ја даде завчера за Програмата на Гласот на Америка на албански јазик во заедничко гостување со координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, кој нагласи дека одлуката е донесена затоа што „државниот секретар на САД имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција“.

Тој истакна дека ваквите одлуки имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.

- Секогаш кога зборувате за нешто што вклучува визни ограничувања или санкции, секогаш ќе има прашања за нивната ефикасност. Мислам дека во голема мера, сепак, успеавме да покажеме значајни резултати во однос на помагањето на актерите на граѓанското општество и другите институции дека тие не се сами и дека кога се соочуваат со корумпирани актери, имаат поддршка и имаат поддршка од меѓународната заедница, рече Нефју.

Координаторот за антикорупција во Стејт департментот додаде дека САД не прават разлика дали санкциите се однесуваат на поранешен или актуелен функционер.

- Повторно, дел од причината зошто ги правиме овие работи е да ги поддржиме актерите од граѓанското општество и оние кои се обидуваат да бараат одговорност од корумпираните актери, рече тој.

Стејт департментот вчера го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за „персона нон грата“ за влез во САД, поради, како што беше наведено во соопштението, негова вмешаност во значителна корупција.

Изборите за Државната дума на Руската Федерација на 17, 18 и 19 септември се одржаа во непогодни услови за слободен и фер процес, а употребата на закони за „странски агенти“ и „есктермистички

- За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси, на тој начин нанесувајќи штета на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зацврстување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото, се наведува во писмената изјава на портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Во соопштението се наведува дека оваа одлука ја „реафирмира посветеноста на САД во борбата против корупцијата, којашто наштетува на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.

Во одлуката на Стејт департментот се посочува дека забраната за влез во САД се однесува и на сопругата и трите полнолетни деца на Мерко. 

Судскиот совет, вчера објави дека ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе направи контрола за да ги провери наводите дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е ставен на црната листа на личности на САД поради сомневања дека се мешал во судски постапки.

-Судскиот совет ќе ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка и ќе формира комисија, која заедно со координаторот за овој суд од редот на членовите, ќе направи посета на овој Суд, за да може на лице место да направи контрола, вели портпаролката на Судски совет, Гордана Дувњак.

Таа информира дека во текот на минатата и оваа година имало 15 претставки од граѓани на Струга за работата на Струшкиот суд, додека Судскиот совет водел две постапки за судии од овој суд.

-Но, напоменувам дека во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, туку за конкретни предмети во кои се засегнати странките, истакнува Дувњак. 

Во интервју за МИА минатиот месец Агелер изјави дека не е тајна оти на корупцијата и криминалот гледа како на главен предизвик со кој моментално се соочува државата. 

- Оваа земја има направено многу важни и многу тешки жртви и покажа дека може да работи на вистински проблеми кога тоа ќе се побара од неа. Верувам дека постојат добри луѓе во оваа земја на кои им е преку глава од корупција. Мислам дека сите граѓани се уморни од тоа. Не сум сретнала ниту еден Македонец, кој е помирен со корупцијата. Јас се надевам дека луѓето ќе речат „доста“ и дека ќе побараат од нивните институции да се справат со овие прашања на отворен и транспарентен начин и дека ќе бараат одговорност од лидерите, бизнисмените и другите во општеството доколку не ги следат правилата, рече Агелер во интервјуто за МИА.

Од партијата „Алтернатива“, по објавата дека струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е ставен на црната листа на САД, вчера излегоа со став дека „после Холандија, и САД му стави печат на ДУИ како партија со корумпирани кадри кои влијаат врз правосудството“.

-   Ова е невиден скандал досега во нашата политичка сцена. Сепак ова за нас не е ниту новост, ниту ново изненадување. Рамиз Мерко е само една нишка во големата пајажина на корупцијата што ДУИ ја создаваше изминативе 20 години. Секако, зачудува фактот што МВР и Јавното обвинителство уште молчат, велат од Алтернатива.

Според оваа партија, забраната за влез во САД за високиот функционер на ДУИ поради корупција и влијание во правосудството, е уште еден доказ зошто треба да се прифати Предлог-амандманот со кој предметите поврзани со корупција никогаш не треба да застарат.

На одлуката на Стејт департментот, претходно реагираа од Алијансата за Албанците и од Беса, кои го поздравија прогласувањето на Рамиз Мерко за нон грата од страна на САД.

- Оваа денешна одлука е сигнал кој има потенцијал да ја врати надежта во Северна Македонија. Од денес САД докажаа дека никој не е недопирлив. И честитаме на амбасадорката Агелер за нејзината доследност и предупредувањето дека ќе има други определби во текот на оваа година. Корупцијата мора да има последици, но определбите нон грата не се доволни. Рамиз Мерко веднаш да поднесе оставка, а ДУИ да се огради од својот член на Претседателството. Обвинителството за корупција треба да отворат случај против Мерко за да обезбедат целосна одговорност за наводите на американскиот Стејт департмент и за да ја спроведат правдата, посочија од Алијансата за Албанците.

Беса, од своја страна, изрази уверување дека ваквата одлука е само почеток на демаскирање на корупцијата и инкриминираните функционери. 

Очекуваме дека оваа листа во наредните денови ќе се пополни со функционери кои злоупотребиле и злоупотребуваат локални и странски фондови во име на „инвестиции“. Функционери инволвирани во криминал и корупција и функционери кои освен уцени, проневери и злоупотреби не прават ништо друго, а како резултат на тоа го имаме секојдневното бегство на населението не од оваа држава, туку од оваа корумпирана и инкриминирана Влада, се наведува во соопштението на движењето Беса, кое побара итна остава од Мерко.

За ВМРО-ДПМНЕ, пак најновото соопштение на Стејт Департментот го потврдили тоа што партијата подолг период наназад го зборува, „дека ДУИ е криминализирана структура“. 

-Ставањето на Рамиз Мерко од ДУИ на црната листа на САД, е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ, изјави денеска пратеникот од опозициската партија, Мирче Аџиоски.

Од партијата на Мерко, ДУИ посочија дека се „шокирани од одлуката на Стејт департментот, но ќе ја почитуваат и ќе ја анализираат во наредните денови“. Извори од ДУИ посочија дека во наредните денови се очекува средба на претседателот на партијата Али Ахмети со претставници на Американската амбасада, по што ќе одлучи дали ќе побара оставка од Мерко.

Студентскиот оброк по цена од 120 денари дневно да се исплаќа ретроактивно до март, а дотогаш да се најде системско решение за оваа субвенција. Тоа е договорено на средбата во Собранието меѓу

Министерот за образование и наука и висок функционер на ДУИ, Јетон Шаќири вчера изјави дека неговата партија секогаш била за ветинг на сите функционери.

- ДУИ како политичка партија секогаш била за ветинг и ДУИ го бара ветингот за сите функционери кои доаѓаат од централно и локално ниво, рече Шаќири.

Минатата година САД на својата „црна листа“ ги ставија и поранешниот премиер Никола Груевски и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“. - Нивните постапки ги поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја намалија вербата на јавноста во нивните влади, беше наведено во тогашната одлука на САД.

Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот ги санкционираше и членовите на нивните потесни семејства, кои добија забрана за влез во Америка.

Претходно на „црната листа“ на САД, беа ставени и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. аа/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан