Црвен крст Куманово објави повик во рамки на проектот „Грижа на стари лица во домашни услови“
- Црвениот крст Куманово објави повик на кој можат да се пријават стари лица за користење бесплатната услуга во рамки на проектот „Грижа на стари лица во домашни услови“, информираа денеска од организацијата.
Куманово, 11 април 2023 (МИА) - Црвениот крст Куманово објави повик на кој можат да се пријават стари лица за користење бесплатната услуга во рамки на проектот „Грижа на стари лица во домашни услови“, информираа денеска од организацијата.
Проектот ги опфаќа старите и немоќни лица од подрачјето на Куманово и нуди поддршка на старите и немоќните за основни потреби.
- На повикот можат да се пријават заинтересираните стари и изнемоштени лица над 65 години од Куманово, кои имаат потреба од бесплатна помош и грижа во домашни услови. Барањата можат да се достават до 20 април, годинава, изјави Ива Младеновска, секретар на кумановскиот Црвен крст.

На повикот можат да се пријават стари и други лица на кои им е потребна грижа и помош во домот, лице на кое помошта во домот не може да ја обезбеди неговиот брачен другар, родителите или децата поради заснован работен однос, нарушена здравствена состојба или старост, лица кои не се во состојба сами да се грижат во своите домови без да имаат редовна грижа, поддршка и надзор.
Од Црвен крст информираат дека на повикот не можат да конкурираат стари лица кои во семејството имаат деца или членови на семејството што не работат, нега и помош не можат да користат возрасни и изнемоштени лица кои склучиле договор за доживотно издржување.
Помошта и грижата во домашни услови која ќе се пружи од страна на професионални и сертифицирани негуватели/ки и ќе биде бесплатна.
Негувателите ќе помагаат со неколкучасовна грижа и помош во домовите, во извршувањето на секојдневните активности, како што се мерење на притисок и шеќер во крвта, купување на намирници, подготовка на топли напитоци (кафе, чај, супа), набавка на лекови од аптека, плаќање на сметки, а со цел да се подобри и одржи квалитетот на животот и да се спречи или одолжи сместувањето во институции.
Заинтересираните треба да поднесат барање за пријава на корисник за користење на домашна нега, наод и мислење/ извештај од специјалист или медицинска потврда од матичен лекар
По прием на барањето на корисникот, Црвен крст Куманово ќе врши индивидуално интервју или проценка, преку која се информира за личните потреби на корисникот, временскиот период во кој е потребна грижа во домашни услови и утврдување на индивидуалниот распоред и план на активностите кои одговараат на личните потреби на корисникот.