• петок, 21 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Црвен крст Делчево со пригоден настан го одбележа јубилејот „80 години од формирањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија“

Црвен крст Делчево со пригоден настан го одбележа јубилејот „80 години од формирањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија“

Делчево, 3 март 2025 (МИА) - Во чест на јубилејот „80 години од формирањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија“, Општинската организација на Црвен крст Делчево вечерва организираше настан на кој беа доделени признанија за придонесот во развојот и имплементација на хуманитарните активности на Црвениот крст во општините.

Претседателот на Црвениот крст на Република Северна Македонија д-р Ромел Велев кој присуствуваше на настанот истакна дека денешните признанија се во насока на промоција на личната ангажираност и позитивниот пример во заедницата, поддршката во работењето на организацијата, афирмацијата и заслугите во остварувањето на мисијата и визијата на Црвениот крст на РСМ.

-Овие признанија имаат и дополнителната тежина бидејќи се темелат на принципот на хуманост кој е еден од особено значајните во животот на секој поединец. Хуманоста не започнува тогаш кога за тоа ќе се создадат соодветни услови или кога приликите ќе ни го дозволат тоа.  Хуманоста започнува веднаш штом ќе чуеме дека некој има потреба од помош независно од етничката, религиската, јазичната, социјалната или која било друга припадност. Хуманоста не се учи, тоа е привилегија која Бог ни ја подарил, а од нас бара да ја негуваме и да ја пренесуваме, истакна Велев.

Изрази благодарност на сегашното раководство и претходните раководни структури кои се вградиле во она што денес ја претставува Општинската Организација на Црвен Крст Делчево. 

-Особено благодарам на волонтерите дарителите, негувателите и вработените за се што прават и за нивната посветеност на хуманоста. Црвениот крст е сведок на создавањето на државата, но она што е значајно е што неговиот развој е прилагоден исклучиво за развој на општеството. Тоа е резултат на сите 80 години во кои ние ги гледаме луѓето, ги слушаме и заедно со нив промовираме хуманост солидарност. Ве уверувам дека новите генерации се подготвени и ќе продолжат да прават тоа и во наредните 80 години, заврши Велев.

Општинската организација на Црвен крст Делчево дејствува од 1951 година кога е формирана и во сите овие години како што истакна Претседателката на Црвен крст Делчево, Билјана Георгиевска, се води согласно статутот на ЦКРСМ ОО Делчево и мисијата и визијата на националното друштво.

-Огромна е честа и задоволството да се биде дел од семејството на Црвениот крст кој 80 години неуморно дејствува и во мирни времиња, но и во времиња на катастрофи. Не би биле тоа што сме доколку ја немаме поддршката од вас, волонтерите, од единиците на локалните самоуправи, локалните институции, донаторите и сите оние кои на било каков начин даваат придонес во дејствувањето на Црвениот крст, рече Георгиевска.

Црвен крст Делчево, како што додаде, е во тек со потребите на своите сограѓани, (водејќи се по принципите на Црвениот крст) и во таа насока годинава ги развива услугите Помош и нега во домот за стари и изнемоштени лица и Лична асистенција, со главна цел да подобрување на животот и на лицата кои имаат потреба од помош.

-Нашата општинска организација има успешна соработка со општина Делчево и општина Македонска Каменица, без чија што поддршка не би можеле да дејствуваме успешно во многу гранки во општеството. Нека ни е честит јубилејот, 80 години од постоењето на ЦКРСМ, со желба и надеж во иднина да продолжиме уште подобро и уште посилно, ние 80 години гледаме луѓе ќе продолжиме и во иднина, со главна цел, помош онаму каде што е најпотребно, додаде Георгиевска.

Пред присутните свое обраќање имаа и Бранко Тричковски, крводарител со над 150 дарувања, кој апелираше до младите активно да се вклучат во идните крводарителски акции, волонтерот Ангела Велковска која го сподели своето искуство од работата како волонтер, пожарникарот Миле Тодоровски кој ја нагласи успешната соработка со организацијата за време на пожарите во 2021/22 година и Сара Ангелова која одржа говор за значењето на Црвениот крст и неговата мисија. 

Во рамки на настанот признанија добија градоначалниците на општините Делчево и Македонска Каменица кои поради нивно отсуство беа доделени на претставници на двете општини. вс/вј/

 

Фото: МИА

 

Остани поврзан