Црвениот крст: Во 2025 собрани 61.778 крвни единици, 112,3 отсто реализација на предвидениот план
- Благодарение на посветеноста на крводарителите и волонтерите, во 2025 година реализирани се 811 крводарителски акции, 61.778 собрани крвни единици, 112,3 проценти реализација на предвидениот план, соопштија денеска од Црвениот крст.
Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Благодарение на посветеноста на крводарителите и волонтерите, во 2025 година реализирани се 811 крводарителски акции, 61.778 собрани крвни единици, 112,3 проценти реализација на предвидениот план, соопштија денеска од Црвениот крст по повод 17 март, Денот на формирање на Црвениот крст на Република Северна Македонија и Ден на крводарителството.
Од таму посочија дека оддаваат признание на хуманоста, солидарноста и несебичноста.
- Дваесет општински организации го надминаа годишниот план во 2025 година. Потоа 1.028 јубилејни признанија, три работилници за унапредување на крводарителството и 36 врснички едукации во 14 општински организации. Нека овој ден нè потсетува дека секоја дарувана капка значи живот повеќе - додадоа од Црвениот крст на својата фејсбук-страница.
Посочија дека од 16 до 22 март во целата држава се организираат крводарителски акции.

- Дарувањето крв е наједноставниот начин да спасите нечиј живот. Проверете ги локацијата и терминот што ви одговараат и станете дел од хуманата мисија - порачаа од Црвениот крст. бд/вј/
Фото: Фејсбук-страница на Црвениот крст на Република Северна Македонија