• петок, 27 декември 2024

Црвенковска: Правдата не смее да познава дискриминација и предрасуди ако сакаме судство со доверба

Црвенковска: Правдата не смее да познава дискриминација и предрасуди ако сакаме судство со доверба
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Европските вредности не препознаваат дискриминација според родовата припадност, а неопходно е ние да ги следиме процесите и да учествуваме во креирањето на рамноправно општество кое нуди еднакви можности за сите и кое ги вклучува жените како идентичен фактор во креирањето иднина на државата, истакна претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, при промоцијата на публикацијата на ОБСЕ посветена на родовата еднаквост и разноликост во судството. Според Црвенковска, преставува задоволство тоа што ОБСЕ има спроведено истражување токму во судството со фокус на прашањето за родова еднаквост и функционалноста на судскиот систем во ситуација во која ние имаме жени на високи позиции, но и голем број жени судијки. - Но, оваа студија на ОБСЕ, исто така, низ препораките илустрира еден посовршен систем во кој е изолирана дискриминацијата, не само по родова припадност, туку и по етничка, со потенцирање на човековите права на помалите заедници, односно женските припаднички кои се соочуваат со нееднаков третман при упис на Академијата за судии и јавни обвинители или при огласите за вработување, изјави Црвенковска. Студијата на ОБСЕ, се вели во соопштението од Судскиот совет, наведува поголем број категории граѓани на кои им се ускратуваат некои права при водење на судски постапки со што им се загрозува правото на правда. Со постоењето вакви случаи се нарушува легитимитетот на судството, а државата е во фаза во која е неопходно да покаже високо ниво на правичност, еднаквост и почитување на човековите права, како важен предуслов за судство без дискриминација, она што од нас го бараат и европските вредности. - Сите препораки укажуваат на недостатоци на судскиот систем кои ја поттикнуваат дискриминацијата, а потоа тоа влијае на оценките за судството и создава граѓани кои ја губат довербата. Затоа мислам дека колку и да имаме направено за родовата еднаквост или за недискриминацијата по етничка основа, ние и понатаму мораме да развиваме механизми за заштита на сите граѓани и тоа, и на оние кои се дел од судството или конкурираат да бидат дел, и на оние кои се од другата страна- странките во судските постапки, дополни Црвенковска. Ако се погледне низ бројките се потврдува висок процент на женска застапеност. Во Судскиот совет има шест жени членови на Судскиот совет, додека во администрацијата на советот од вкупно 33-ца вработени 23 се жени. Што се однесува до бројот на судиите во моментов имаме 257 судијки наспроти 156 судии или во проценти македонското судство има 62 отсто жени. Во судската администрација имаме 1 234 жени или исто така 62 отсто од вработените. Овие високи проценти зборуваат дека судството не прави ограничување или дискриминација според родовата припадност. Правдата не смее да познава дискриминација и предрасуди, само така ќе имаме судство на кое ќе може да му се верува, се вели во соопштението од Судскиот совет. аа/сп/

Остани поврзан