• петок, 27 декември 2024

Црвенковска за МИА: Комисии од повисоките судови ќе ги oценуваат судиите од пониските судови

Црвенковска за МИА: Комисии од повисоките судови ќе ги oценуваат судиите од пониските судови
Скопје, 5 април 2022 (МИА) - Судскиот совет на Република Северна Македонија при избор на нови судии првпат ќе ја примени методологијата за квалитетно оценување судии и претседатели на судови. Ова е од една причините зошто досега се одолговлекува конкурсот распишан за нови судии во Апелациониот суд – Скопје, но и за судиите во Врховен суд, Апелациониот суд – Гостивар, Основниот суд во Штип и Основниот кривичен суд – Скопје. Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, во интервју за МИА ги објаснува причините зошто досега не се избрани новите судии и начинот на кој ќе се спроведе Методологијата за квалитетно оценување судии и претседатели на судови. Таа исто така во ова интервју зборува и за последните резултати објавени од процесот на Пописот одржан минатата година, при што истакнува дека ќе треба да се смени Стратегијата за судска мрежа на човечки ресурси донесена во 2021 година имајќи ги предвид новите податоци. Според Црвенковска, многу е битно по бројот на население да се утврди точната структура на судови што се потребни на ниво на државата. - Тука се поставува прашањето дали некој судија што е во седиште во населено место коешто брои под 20 000 жители, дали е оправдано нивното постоење, вели Црвенковска. Во продолжение следува целосното интервју со претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска со видео материјал: Конкурсот за избор за судии за Апелациониот суд – Скопје е распишан минатата година, меѓутоа изборот не е извршен. Зошто се одолговлекува оваа постапка, кои се главните причини што уште не се избрани судиите? - Точно е дека конкурост за Апелациониот суд - Скопје е распишан минатата година. Освен за Апелациониот суд, распишан е конкурс и за Врховниот суд и за Апелациониот суд Гостивар, Основен суд во Штип и Основен кривичен суд Скопје. Едниот момент е дека по распишувањето на огласите, на 6 август чинам дека беа распишани изборите. Со денот на распишувањето на изборите Судскиот совет по препорака на Комисијата за антикорупција не смее да преземе ниту едно дејство за избор и разрешување судија. Негде околу 6 ноември, мислам дека целата изборна постапка заврши и оттогаш всушност ние можеме да работиме, да постапуваме по распишаните конкурси. Другиот битен момент е што при изборот за овие конкурси сакаме првпат да ја примениме Методологијата за квалитативно оценување на судиите и претседателите на судови. За да ја примениме оваа методологија, ни беше потребно дигитално да имплементираме и всушност една од причините зошто дури минатата недела ги формиравме првите комисии што треба согласно оваа методологија да постапуваат при вонредно оценување на судиите, дигиталната имплементација што е нужна за примена на оваа методологија. Како ќе го правите тоа, како ќе се реализира? - Ќе се обидам наједноставно да ви објаснам. Избираме по пат на ждрепка пет комисии, пет члена на Комисија од Апелациониот суд што ќе врши оценување на судиите од Основен суд. Петчлена комисија на Врховниот суд, што ќе врши оценување на судиите што конкурирале за Апелациониот суд. Со еден влез во системот, самиот систем ќе исфрли многу податоци, импликатори што ќе придонесат за оценка на судијата врз основа на тоа како ја испорачал правдата. Ќе исфрла податоци како ги закажувал рочиштата, како ги водел записниците, како успевал да го реши конфликтот на странките на самиот записник, како вршел распит на сведоци, на странки. Ќе се испитува кога ја донел пресудата, кога ја објавил, кога ја верифицирал. Ќе се испитува целата можност за усно и писмено изразување на секој судија. Ова е квалитативен критериум при што ќе испитуваат овие комисии од повисокиот суд за судија од понизок суд. Дека квантативниот критериум којшто носи 40 бода, ќе формираме комисија во Судскиот совет и таа ќе го оценува по однос на квантитативниот критериум. Квантитативниот критериум е по однос на исполнетост на нормата и по однос на укинатите предмети. Кога се очекува да заврши целата постапка? - Во овој момент навистина не можам да ви кажам кога би завршила, бидејќи реалноста е дека оваа Методологија првпат се применува во судскиот систем во државата. Ова е нов метод на оценување на судиите. Колкав е целокупниот број на судии што аплицирале за конкретниот за Апелациониот суд - Скопје и колку од нив се од Кривичен суд - Скопје? - За Апелација мислам дека околу 32 аплицираа за кривичната област дека така е распишан конкурсот, специјализација, граѓанска и кривична област и околу 30 за граѓанска. Колку судии аплицирале од Кривичен суд – Скопје? - Повеќемина аплицирале. Дали ќе внимавате при овој избор да не се нарушат постапките иницирани од поранешното СЈО што се водат пред Кривичен? - Ако јас ви одговорам на ова прашање, тоа значи дека јас прејудицирам кој ќе биде избран за во повисокиот суд. Јас и претходно напоменав дека оценувањето и рангирањето ќе се изврши по новата Методологија. Таму како индикатор не е предвидено кои процеси ги води тој судија во судот од каде што доаѓа. Изминатата година Судскиот совет беше доста активен во утврдување одговорност на судии, односно во разрешување судии. Оваа година како да не го гледаме истото темпо, кои се причините? - Не би се согласила дека Судскиот совет не е активен и не постапува по поднесените барања за утврдување одговорност. Минатата година во Судскиот совет беа поднесени 90 барања за утврдување одговорност, за поголем дел е од одлучено, за 64 барања, за 20-тина се префрлени за оваа година. Изминатата недела повеќе судски инстанци го одбележаа 31 март, Денот на правосудството. На еден таков настан учествуваше и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, кој изјави дека е загрижувачки фактот што до крајот на годината над 60 судии ќе се пензионираат. Тој смета дека во овој случај не претходела здрава анализа или проекција на ефектот. Што значи за судството 60 судии помалку? - Јас досега во повеќе наврати, во повеќе изјави што ги имам дадено, укажував на нереалниот недостиг на судии моментално во судскиот систем во државата. По систематизација, по постојната систематизација предвидени се 639 судиски места. Последните бројки покажуваат дека ние моментално имаме 473 судии. Со измените на Законот за работни односи коишто треба да стапат во сила на 30 јуни 2022 година, точно е дека проекциите се дека околу 60 судии би требало да ги исполнат условите за старосна пензија до крајот на 2022 година. Единствен позитивен момент е што се очекува седмата генерација слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители да биде подготвена за избор во декември 2022 година. Оттаму можеме да избереме триесетина судии. Таква е состојбата каква што е, толку можеме да сториме. Првичните податоци од Пописот се објавија. Дали вие како претседателка на Судскиот совет имате појасна претстава сега кои судови во државата треба да одат под клуч или не се ажурни? - Минатата година првпат Судскиот совет донесе стратегиски документ, Стратегија за судска мрежа на човечки ресурси. Оваа стратегија е изработена со помош на ЕК и во таа стратегија врз основа на податоците од пописот од 2002 година детално е изработена проекција, број на население, колку судови, колку треба да има судии, колку судски работници треба да има, направена е комплетна анализа. Но факт е дека резултатите од сегашниов попис мора да влијаат на измена на таа стратегија, којашто ја донесовме минатата година. Многу е битно по бројот на население да се утврди точната структура на судови што се потребни на ниво на државата. Тука се поставува прашањето дали некој судија што е во седиште во населено место коешто брои под 20.000 жители, дали е оправдано нивното постоење. Се наметнува потребата и околу тоа дали тие судови со основна надлежност да бидат во рамките на некој суд што е во близина на тоа населено место со проширена надлежност. Потоа се наметнува прашањето дали територијата што моментално ја покриваат четирите апелациони судови по број на население, по инфраструктура, по миграции во меѓувреме што се случиле, одговара на сегашните резултати од пописот. Европската комисија за ефикасност на правдата вели дека на 100 000 жители треба да има 21.5 судија по глава на жител. И оваа ЕК за ефикасност на правдата, анализите ги прави од аспект на територијалната распостранетост на судовите, каква е судската мрежа, број на население, број на судии по глава на жител во секој суд. Мислам дека ние тежнееме кон исполнување на европските стандарди и дека треба при изработката на оваа стратегија, најверојатно, ќе биде пак со помош на ЕК, да се водиме од индикаторите и коефициентите коишто се предвидени. Нацрт-законот за Академија за судии и јавни обвинители е во собраниска процедура. Судскиот совет во март до Академијата доставува листа, проекција колку судии им се потребни. Може првично да ни кажете кои се вашите очекувања од изгласувањето на овој закон и кои се новините? - Единствена надлежност на Судскиот совет по однос на Академијата за судии и јавни обвинители е што до 31 март ние врз основа на анализа и на проекција за слободни судски места донесуваме одлука за бројот на слушатели, всушност за идните судии што ќе бидат за следната генерација. Сега до 31 март донесовме одлука со којашто побаравме 150 слушатели. Ова е многу висока бројка, оваа е за десеттата генерација. За деветтата генерација минатата година донесовме одлука за 55 слушатели. Се водевме од измените на Законот за работни односи и за големиот број судии коишто и до 22, 23, 24, проекциите коишто ги имаме направени за следните пет години дека ќе се јави реален недостиг на судии и за тоа е бројката навистина висока во однос на претходните години што се барале од Академијата. Очекувате ова барање да се усвои, да се прифати, да почне? - Единствен проблем се просторните, финансиските и кадровските можности на Академијата. Не дека не постои добра волја од страна на Академијата за олкав број слушатели. Се надевам дека Академијата со помош со извршната власт ќе успее да ги обезбеди сите неопходни ресурси за да може во десеттата генерација да излезат кандидати за 150 судии. Значи, деветтата актуелно привршува? - Од деветтата генерација се очекуваат кандидатските листи да излезат секој момент. Значи, реално таа би требало ако две години трае наставата, негде за две и пол години да можеме од нив да избираме судии. Ама јас не би можела ништо повеќе да ви кажам, ниту околу Законот за академии, ниту околу собраниската процедура, бидејќи Судскиот совет апсолутно ниту во една друга надлежност во однос на работењето на Академијата нема освен што го предлага бројот за судии што треба да бидат слушатели во Академијата. Омер Џафери фото: Фросина Насковиќ видео: Андреј Бранковиќ

Остани поврзан