• среда, 27 ноември 2024

ЦО на СДСМ: Сите релевантни парламентарни партии и пратеници кои иднината на земјата ја гледаат во ЕУ треба да ги поддржат уставните измени

ЦО на СДСМ: Сите релевантни парламентарни партии и пратеници кои иднината на земјата ја гледаат во ЕУ треба да ги поддржат уставните измени

Скопје, 8 јули 2023 (МИА) - Централниот одбор на СДСМ денеска одржал онлајн седница на која се донесени неколку заклучоци. Меѓудругото се оценува дека скрининг процесот во рамки на преговорите со ЕУ се одвива добро и наскоро ќе финишира успешно. Владата предводена од СДСМ, заедно со коалициските партии, како што се потенцира, останува посветена на реформите потребни за продолжување на европскиот пат на земјата и остварување на стратешката цел, членство во ЕУ.

-Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја - членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени, посочуваат од СДСМ. 

Во соопштението се потенцира и дека во наредните две недели, амандманите на Уставот ќе бидат разгледани од страна на Владата и јавно објавени. Потоа тие ќе бидат доставени до Собранието по што ќе следи и процес на дискусија согласно собраниската процедура. 

По спроведените економски мерки како одговор на глобалната економска и енергетска криза, македонската економија, како што оценуваат во владејачката партија, продолжува да расте во позитива, економската активност се зголемува, инфлацијата бележи константно намалување со месеци и веќе е сведена на едноцифрени 9 проценти.

-Ова се охрабрувачки податоци и потврда за успешност на економските политики на Владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи, економијата да продолжи да расте, да остане трендот на зголемување на инвестициите, новите работни места и платите, потенцираат од СДСМ.

СДСМ го реафирмира ставот на партијата даден пред граѓаните на Босилово, Василево и Ново Село, во однос на постапката за отворање на рудник во Иловица, започната од Владата на Никола Груевски и ВМРО - ДПМНЕ, во време кога Мицкоски беше негов советник.

-Без консултација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина согласно постојното законодавство, усогласено со европското, нема да се даде дозвола за отворање на рудник. Оттука, ставот на СДСМ е дека само граѓаните на југо-источниот плански регион, во општините Струмица, Босилово, Василево и Ново Село, можат да одлучат и треба на референдум да се произнесат за ова важно прашање, наведуваат од СДСМ.

Заштитата на животната средна, здравјето на луѓето и развојот на земјоделието, како што посочуваат, се приоритети на СДСМ.

По предлог на генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски, за нов Организациски секретар на партијата, членовите на ЦО едногласно го избра Митко Трајчулески. Тој е магистер по меѓународна политика и дипломатија, има 43 години, член е на СДСМ од 1996 година и има долгогодишно работно, професионално и партиско искуство. Претседател е на партиската Комисија за транспорт и врски на СДСМ и актуелен Државен секретар во Министерството за транспорт и врски, бил поранешен Шеф на Кабинет во министерството, за време на професионална кариера работел во Секретаријатот за Европски прашања во Сектор за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ. ев/цр

ФОТО: СДСМ 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан