• среда, 27 ноември 2024

Циклонот Мока усмрти најмалку 400 луѓе во Мјанмар

Циклонот Мока усмрти најмалку 400 луѓе во Мјанмар

Јангон, 16 мај 2023 (МИА) – Циклонот Мока уби најмалку 400 луѓе во мјанмарската држава Ракхајн и предизвика сериозни штети во западните делови на земјата, изјави денеска за германската новинска агенција ДПА портпаролот на опозициската влада на национално единство во егзил.

Циклонот прерасна во најмоќниот ураган што го погоди регионот изминатата деценија, а неговото влијание беше особено почувствувано во Ракхајн, држава на западниот брег на Мјанмар, која е дом на муслиманското малцинство Рохинџи, прогонувано од владејачката воена хунта. Според портпаролот поголемиот број од жртвите се дел од ова малцинство.

Владата на национално единство беше формирана по воениот удар во Мјанмар во 2021 година како алтернатива на владејачката хунта. Таа однапред ги предупреди луѓето за приближувањето на циклонот и врши активност на организирање меѓународна помош за настраданите.

Тропскиот циклон стигна до брегот на Мјанмар и соседниот Бангладеш во неделата со ветрови кои на некои места достигнаа брзина и над 250 километри на час. Целосниот обем на штетите по елементарната непогода сè уште не е утврден поради прекинот на комуникациските услуги во голем број населени места. ми/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан