• петок, 27 декември 2024

ЦИВИЛ: Работничките права се човекови права

ЦИВИЛ: Работничките права се човекови права
Скопје, 1 мај 2021 ЦИВИЛ им го честита 1 Мај на сите работнички и работници во Република Северна Македонија и во светот. Овој ден е посветен на работничкиот протест и на гласните барања да се подобрат условите за работа и почитувањето на достоинството и правата на работничките и работниците. ЦИВИЛ ги повикува синдикатите, граѓанските организации и политичките партии да покажат искреност и посветеност во борбата за социјална правда и работнички права. Пандемијата и економската криза не смеат да бидат изговор на капиталистите за кршење на работничките права! Првата и најголема жртва на економските последици од пандемијата се токму работничките права. Затоа, не е доволна само политичката волја и мерките на владата, туку вклучување на целото општество. Крајно време е да се покрене вистинска и доследна акција за заштита на работничките права во услови на пандемијата која ѝ зададе силен удар на светската економија. Уште поважно од тоа е да не се користи економската криза како изговор за намалување на работничките права, туку нивно унапредување, на сметка на дебелите профити на капиталистите. ЦИВИЛ ги поздравува мерките за помош на стопанството и гарантирање на работните места и личните доходи. Истовремено, ЦИВИЛ ги повикува политичките партии, Владата и Собранието да работат на дополнително менување на законите во полза на работничките права и нивно доследно спроведување. Дел од работничките и работниците во Северна Македонија работат во тешки услови, најчесто без основни средства за заштита при работа, а се чести жртви и на мобинг на работното место. Жените работнички и самохраните мајки се во уште потешка положба. Препознатлива е политичката волја и реформите во доменот на социјалната правда и работничките права во последните три години, но тоа не е доволно. Потребно е вклучување на целото општество: охрабрување на жртвите на кршењето на работничките права да го пријават секој случај на кршење на работничките и човековите права. Синдикатите да се реформираат и целосно да се насочат кон вистинска заштита на работничките права. Граѓанското општество и медиумите имаат важна улога во заштитата на човековите, а со тоа и на работничките права. ЦИВИЛ ги повикува работничките и работниците да пријавуваат кршење на нивните права, мобинг и дискриминација. Најважно е прво тие да се охрабрат и гласно да ги побараат своите права, бидејќи им припаѓаат! Работничките права се човекови права! Среќен 1 Мај! ЦИВИЛ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан