• сабота, 23 ноември 2024

Централна планска агенција ќе го реши деценискиот застој со инфраструктурата во Македонија

Централна планска агенција ќе го реши деценискиот застој со инфраструктурата во Македонија

Скопје, 8 јули 2024

Состојбата со капиталните инвестиции во Македонија е катастрофална - не постои база на проекти каде што може да се видат капиталните проекти што се реализираат, а многу од нив се почнати и нереализирани, така што Левица предлага формирање на Централна планска агенција (ЦПА). 
 
ЦПА ќе биде одговорна за општиот инфраструктурен развој на земјата и би била надлежна за инвестирање во јавната инфраструктура (патишта, хидроцентрали, железница, гасификација...), инвестирање во јавните добра и објекти (болници, градинки, училишта, студентски домови...) како и инвестирање во државни индустриски капацитети. 
 
Во моментов НЕ постои надзор над целокупното портфолио на јавни инвестиции на национално ниво. 
 
НЕ постои единствена база на проекти каде што може да се видат капиталните инвестиции и стратешките проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начин на финансирање, вид на градба и други податоци и информации за потребите на државата и граѓаните.
 
Така, проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје е најголема инвестиција од областа на животната средина за која од државата се обезбедени 196 милиони евра и доделени се ЕУ - средства во износ од 69.7 милиони евра. Подготовката е започната во 2007 год. Во 2014 год. е направена надградба и ажурирање за студијата на изводливост, но и по десет години, проектот не е подготовен за реализација.
 
Со изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток, фаза 1 и 2, е започнато во далечната 1996 год. и сè уште не се завршени. Првичната вредност на проектот е 340 милиони евра, додека до мај 2024 година вредноста е зголемена на 560 милиони евра што претставува зголемување од 220 милиони евра.
 
Проектот за изградба на Автопат 2 делница Кичево Охрид, е во вредност од 589 милиони евра. Првичната вредност на овој проект е 411 милиони евра, а изградбата е започната во 2014 год.
 
Проектот за автопат од Скопје до границата со Косово - втора делница, сè уште не е започнат, а вредноста е зголема од првичните 112 милиони евра на 198 милиони евра за 10 км автопат.
 
Вредноста на проектот за изградба на Коридор 8 и Коридор 10д изнесува 1.319 милјарди евра, а донесен е и специјален закон со кој се уредени условите и начинот на градба. Согласно донесениот Закон, за овој проект не е спроведена јавна набавка и поради тоа не може да се утврди вредноста на овој проект, со што постои и основано сомнение за корупција.
 
За потсетување, од вкупно 24 капитални проекти вредни 4 милијарди евра, за пет проекти, иако подготовките се започнати пред повеќе години, сè уште нема склучено договори за градба. За останатите 19 проекти биле потпишани договори во вредност од над 2,7 милјарди евра, а досега се потрошени над 940 милиони евра. И покрај потрошената скоро една милијарда евра, само еден проект е завршен. 
 
Стручен тим од #Левица дојде до заклучок дека кај четири проекти се раскинати договорите, од кои за три има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, додека за два проекта постои неизвесност поради изминат рок на градба.

Левица

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото Левица

Остани поврзан