Централната улица во Штип ќе стане шеталиште
- Централната улица „Ванчо Прќе“ во Штип наредниот период ќе се реконструира најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Штип, 1 јули 2024 (МИА) - Централната улица „Ванчо Прќе“ во Штип наредниот период ќе се реконструира најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Предвидено е оваа улица да стане шеталиште, со што сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици. Забележува дека во моментов течат роковите од тендерската постапка, а фирмата која ќе биде избрана треба да направи тестирање на материјалот кој ќе го вгради, како и да направи соодветна анализа на сообраќајот.
-Очекувам фирмата изведувач ќе обезбеди услови за почеток на градба и изработка на шеталиштето „Ванчо Прќе“, но и да се направи потребното испитување на сообраќајниот режим, кој ќе трае неколку недели и врз основа на тоа некаде кон крајот на летото да се започне со градежните активности за овозможување на шеталиштето, вели Јорданов.
Инаку за овој проект се предвидени околу 200.000 евра со ДДВ. Проблемот за паркирање на улицата „Ванчо Прќе“ и за граѓаните и за станарите се надминува со тоа што на крајот и на почетокот на оваа едносмерна улица ќе има катни гаражи, односно кај Центарот за култура „Ацо Шопов“ веќе е изградена и пуштена во функција, додека кај стоковната куќа НАМА се гради. На шеталиштето „Ванчо Прќе“ предвидено е да се постави и урбана опрема. Инаку оваа улица е една од најфреквентните во градот, бидејќи на неа се лоцирани речиси сите експозитури на банките, а исто така има голем број на дуќани. вдј/ир
Фото: МИА