• четврток, 26 декември 2024

Центар Јадро ќе го претстави творештвото на уметницата Моника Мотеска

Центар Јадро ќе го претстави творештвото на уметницата Моника Мотеска
Скопје, 27 јули 2021 (МИА) - Од Центар Јадро информираат дека серијата презентации на македонски уметници ја продолжуваат со преглед на творештвото на визуелната уметница Моника Мотеска, авторка со богата и репрезентативна уметничка кариера со бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство. Моника Мотеска, се вбројува меѓу значајните автори на современата македонска уметност во 21 век, со речиси две и пол децениско континуирано присуство на локалната сцена и надвор од границите на земјата. Во нејзините мултимедијални дела таа користи различни медиуми, видео дела, видео-инсталации, фотографија, цртеж, објекти. Во својата презентација Мотеска ќе претстави избор од делата создавани во различен контекст и различни медиуми, притоа откривајќи ни повеќе за нејзината инспирација, за принципите врз кои ја темели својата работа, за своите самостојни проекти, но и нејзината соработка со Роберт Јанкулоски, и изложбената историја на некои од нејзините најзначајни дела, соопштија од Центар Јадро. Оттаму посочуваат дека веднаш по дипломирањето Мотеска сериозно се вклучува на сцената со репрезентативни дела за кои критиката позитивно се произнесува. Нејзините дела се длабоко промислени, со изразен тематски фокус, кој истовремено се заснова на општествениот контекст, но ја задржува специфичната поетична линија. - Во разговорот ќе стане збор за некои од претставените проекти, меѓу кои и пораните дела како „Ахилова пета“, „Голтач на пламен“ и „Предизвикувач“, но и поновите меѓу кои и последниот самостоен проект „Везење во камен“ претставен во НГМ во 2020, како и „Тивка деструкција’ од 2019, нивниот развој, како и учеството во релевантни меѓународни изложби, посочуваат од Центар Јадро.
Моника Мотеска (Прилеп, 1971) е визуелна уметница која живее и работи во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност – сликарски оддел во Скопје, 1996. Се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација. Работела на дизајнирање изложби и промотивни материјали од областа на старата фотографија. Имала дваесеттина самостојни изложби во земјата и во странство, меѓу кои се последните остварувања како што е инсталацијата „Тивка деструкција“ (Мобилна галерија, 2019) и комплексниот самостоен проект „Везење во камен“ (НГМ-Чифте амам, 2020). Исто така, учествувала на голем број групни изложби во земјата и странство.
Од Центар Јадро сметаат дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти.
- Оваа програма ја реализираме преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес. Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски, информираат од Центар Јадро.
Владимир Јанчевски (1984, Скопје) дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011). Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015). Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции. Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија. фф/лв/

Остани поврзан