• среда, 25 декември 2024

Центар за вработување: Невработените кумановци и работодавци да аплицираат за мерката практикантство

Центар за вработување: Невработените кумановци и работодавци да аплицираат за мерката практикантство

Куманово, 18 април 2024 (МИА) - Надлежните од Центарот за вработување денеска ги повикаа невработените кумановци и работодавци да аплицираат за мерката практикантство и за мерката обука и вработување на лица за обезбедување услови грижа во дом и заедница. Овие мерки се атрактивни за невработените, што покажува повеќегодишната статистика на пријавени за користење, велат од Центарот.

Младите, невработени лица (до 29 години) можат да конкурираат за практикантство до 20-ти мај годинава. Тие ќе имаат обука од три месеци и ќе добиваат надоместок од 11.000 денари бруто износ.

- Лани мерката ја искористија 106 лица кај 89 работодавци. Често се случува практикантот да остане во фирмата по завршување на обуката, изјави раководителката на Центарот за вработување, Марија Димитријевска.

Заинтересираните здруженија на граѓани и приватни установи за вонсемејна грижа на стари лица можат да се пријават и на огласот обука и вработување на лица за обезбедување услови грижа во дом и заедница.

- Како позитивен пример е здружението „Прогрес“ од Општина Липково. Таму, 15 лица ја завршија обуката и десет се веќе вработени. Населението старее тоа е непобитен факт, оваа мерка станува доста атрактивна и отвора можност, организациите да вработат невработени лица, изјави Димитријевска.

За субвенционирање на платите за вработените негуватели и асистенти се обезбедува бруто износ од 30.780 денари за период од десет месеци, со обврска да се задржат на работа најмалку 13 месеци. Аплицирањето за ова мерка трае до 3 мај годинава.

Од Центарот за вработување ги повикаа заинтересираните да се пријават на мерките и да се информираат за какви било прашања и нејаснотии со вработените. ам/ир


Фото: МИА архива

Остани поврзан