• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Центарот за развој на Источно планскиот регион аплицира со два проекти до Бирото за регионален развој

Центарот за развој на Источно планскиот регион аплицира со два проекти до Бирото за регионален развој

Штип, 9 април 2025 (МИА) - Центарот за развој на Источно планскиот регион (ИПР) конкурираше со два регионални проекти, кои ќе се реализираат со средства од Програмата за рамномерен регионален развој од Бирото за регионален развој.

Директорот на Центарот за развој на ИПР Трајче Здравков денеска изјави дека градоначалниците на единесетте општини од источниот регион  ги имаат избрано проектите, кои треба да се реализираат со осум и пол милиони денари.

-Првиот приоритетен проект, којшто го утврдија градоначалниците од Источно планскиот регион е набавка на возило за смет за Општина Чешиново-Облешево и набавка на мултифункционална машина за Општина Штип. Вториот проект, којшто го аплициравме е реконструкција на училиште во Општина Кочани и реконструкција на покрив во градинката во Општина Пехчево, вели Здравков.

Тој додаде дека во завршна фаза се проектите од претходната година, кои се финансираат преку Програмата за рамномерен регионален развој. Нова ламела за Домот за стари лица во Берово веќе е завршена и во неа се сместени 24 лица.

-Потоа реализиран е рекреативниот центар на браната Пишица во Општина Пробиштип, каде што се изградени летниковци, со урбана опрема за посетителите и во завршна фаза е реконструкцијата на општинската зграда во Општина Виница, вели Здравков.

Реконструкцијата на зградата на Општина Виница опфаќа нова фасада, прозорци и е поставен лифт. вдј/мд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан