• четврток, 26 декември 2024

Центарот за култура од Делчево успешно го реализираше проектот ,,Набавка на народни носии"

Центарот за култура од Делчево успешно го реализираше проектот ,,Набавка на народни носии

Делчево, 9 ноември 2023 (МИА) - Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" од Делчево се здоби со нови народни носии за потребите на Фолклорната група ,,Вапцаров"  која работи во состав на установата. Соработникот за стручна и фолклорна дејност Христијан Трајановски информираше дека активноста за набавка на нови носии се реализира преку проект на Министерството за култура.

-По добивањето на финансиските средства од проектот ,,Набавка на народни носии" аплициран во Министерство за култура, денеска истиот целосно е реализиран. Имено, сите добиени средства по овој проект се искористени за набавка на Кичевска народна носија, а ги изработи Даниел Филипов.

-Огромна благодарност до нив, носиите се навистина квалитетно изработени и ветуваме дека често ќе бидат користени, рече Трајановски.

Новите носии, како што додаде, се сочинети од неколку елементи, кои ќе го освежат изгледот на сцената на делчевските играорци.

-Носиите се составени од елек, кошула, скутина, шамија, колан за половина и марама за колан кои ќе ни послужат за настапи на фолклорната група во државата  и странство, додаде Трајановски. 

Претходно установата успешно го реализираше проектот „Да промовираме култура", активност која се реализираше во соработка со граѓанството, а која опфаќаше собирање ракотворби, фути, шамии, тријади, волнени чорапи како и  рачно изработени ткаенини.

Од Центарот за култура најавија дека и понатаму ќе работат на зачувување на традиционалните вредности преку реализација на вакви проекти и во иднина. вс/љм

Фото: МИА

Остани поврзан