• среда, 25 декември 2024

Цел баталјон на мјанмарската војска им се предал на бунтовниците на северот од земјата

Цел баталјон на мјанмарската војска им се предал на бунтовниците на северот од земјата

Најпидо, 15 ноември 2023 (МИА) - Силите на бунтовничката коалиција во Мјанмар тврдат дека цел баталјон на војската на Мјанмар им се предал во државата Шан, на северот на земјата.

Предавањето, што сè уште не е признаено од војската и не може да биде независно потврдено, доаѓа на две недели откако армијата Аракан, Армијата на Националната демократска алијанса на Мјанмар и Националната ослободителна армија Танг, кои себеси се нарекуваат Алијанса на три братства, на 27 октомври почнаа голема воена офанзива против воениот режим.

Алијансата тврди дека постигнала бројни победи, додека војската на 2 ноември призна дека изгубила контрола над три града, од кои едниот е на главниот граничен премин за трговија со Кина.

Офанзивата во северната држава Шан претставува тежок предизвик за војската, која се бори да го спречи бунтот на членовите на продемократските вооружени групи што почна откако војската ја собори демократски избраната влада на Аунг Сан Су Чи во февруари 2021 година.

Откако минатиот месец почна офанзивата војници и полицајци им се предадоа на бунтовниците во државите Карен, Каја, Ракин и Чин и регионот Сагаинг, наведуваат етничките вооружени групи и независните локални медиуми.

Различни паравоени продемократски групи, кои дејствуваат низ целата земја, ги здружија силите со добро организираните етнички вооружени групи, кои со децении се борат против централната влада на Мјанмар, за поголема автономија. сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан