• сабота, 23 ноември 2024

ЦДУ победи на изборите во Северна Рајна-Вестфалија

ЦДУ победи на изборите во Северна Рајна-Вестфалија
Берлин, 15 мај 2022 (МИА) - Христијанско-демократската унија (ЦДУ) победи на покраинските избори во Северна Рајна-Вестфалија, додека на сојузно ниво владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) го постигна најлошиот резултат во оваа некогаш социјалдемократска сојузна држава. Според првите прогнози врз основа на преброените гласови, ЦДУ освоила 35 отсто, што е подобрување за два процентни поени во однос на последните избори во 2017 година. Со 27,5 отсто СПД освои 3,7 процентни поени помалку од последните покраински избори, а со тоа и најслаб резултат во историјата на оваа сојузна покраина во која социјалдемократите се на власт со децении. Трета е Партијата на зелените, која постигна најдобар резултат во оваа сојузна покраина со 18,4 отсто. Изборите во најнаселената и економски најсилната сојузна држава поради нивната важност се нарекуваат и „мали сојузни избори“, а најважни избори се годинава во Германија. Иако гласачите се водат од локалните прашања на покраинските избори, лошиот резултат на СПД во Северна Рајна-Вестфалија се смета за предупредувачки сигнал за социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц. Како што пренесуваат агенциите, неговата популарност опадна во последните недели поради незадоволството на многу гласачи од неговите постапки во врска со војната во Украина. Аналитичарите велат дека СПД избрала погрешна стратегија поврзувајќи го Шолц со изборите во Северна Рајна-Вестфалија. паг/    

Остани поврзан