• среда, 18 декември 2024

ЦГК: Во општините најголем ризик од корупција при доделување дозволи и продажба на градежно земјиште

ЦГК: Во општините најголем ризик од корупција при доделување дозволи и продажба на градежно земјиште

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Најголемите ризици од корупција на локално ниво се забележани во процесот на доделување и продажба на градежни дозволи, при јавните набавки и при доделување на Б-интегрираните дозволи, покажуваат резултатите од истражувањето во неколку големи општини спроведено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) соопштени на денешната конференција „Заштита од корупција: Перспективи и решенија на локално ниво“.

- Широките надлежности што ги имаат општините наспроти нивните ограничени кадровски и финансиски капацитети ги прават да бидат особено ранливи на корупција. Во изминатите три години работевме на истражување и детектирање на ризиците од корупција, конкретно во осум општини во државата и тоа најголемите во осумте плански региони и констатиравме дека имаат сериозни ризици од корупција буквално сите во однос на спроведувањето на јавните набавки, во областа на урбанизмот како што е доделувањето на градежни дозволи, продажба на градежно земјиште, во однос на доделувањето на Б-интегрираните дозволи и приходите кои ги собираат од нив, во однос на тоа како управуваат со спортските објекти итн, вели Сабина Факиќ од ЦГК.

Таа посочи дека врз основа на констатираните ризици од корупција во сите овие општини, од Центарот изготвиле и предлог мерки што е тоа што тие треба да го направат во следниот период во насока на намалување на корупцијата.

- Дел од тие мерки се усвоени, но голем дел се уште остануваат да се усвојат и целта е да се јакне интегритетот колку што е тоа можно на општините и да се намалува можноста за корупција. Да се намалува корупцијата е навистина предизвик во услови кога сведочиме дека со декади наназад санкционирањето на корупцијата изостанува. Во услови кога корупцијата произлегува дека е „исплатлив“ бизнис, не можете да очекувате од другата страна дека можете да влијаете со некакви мерки како што се нашите предлози во однос на воведувањето на нови политики и јакнењето на капацитетите на кадарот да постапуваат со интегритет и да не дозволуваат да бидат предмет на поткуп и да имаат судир на интереси. Оттука мислам дека е многу важно да се работи и натаму со општините во насока да ги применуваат овие меки мерки, но и да се работи на санкционирање што е можно повеќе на корупцијата и да се испрати порака дека таа ќе биде санкционирана на сите ниво на власт и на локално и на централно ниво, подвлекува Факиќ.

Во однос на тоа каде е најголемиот ризик од корупција во општините, Факиќ посочува дека најголемите слабости се констатирани во процесот на доделување градежни дозволи бидејќи поголем дел од општините имаат Генерален урбанистички план постар од 20 години, иако планските документи треба да траат до 10 години. 

Деталните урбанистички планови, како што нагласува Факиќ, во најголем дел односно дури две третини кај сите општини се менуваат на барање на физички и правни лица, што значи дека општините воопшто не го планираат урбанизмот туку тој е последица на интересите на градежните фирми и физичките лица.  ЦГК констатира дека има и многу слаб инспекциски надзор кога станува збор за градежништвото.

- Имавме ситуации во кои во некои општини се изрекуваат опомени, се преземаат некакви мерки, а во други општини никакви мерки и активности не беа преземани од страна на инспекциските служби. Тука би рекла дека се најголемите слабости, вели Факиќ.

Потенцијал за подобрување, според неа има, особено во доделувањето на Б-интегрираните дозволи, а потребна е и измена во насока на тоа дека фирмите кои се носители на овие интегрирани дозволи да им плаќаат на општините многу повеќе, а не како досега - годишно по 900 денари за загадувањето кое го прават врз животната средина на годишно ниво. 

 

Кај градежните дозволи, Факиќ посочи дека истражувањето во осумте општини во однос на доделувањето градежни дозволи покажало дека од 2018 до 2022 година бројот на доделени градежни дозволи е помал од бројот на барања кои чекаат од 2018 година, а се доставени до општините за легализација на нелегално изградените објекти, што, вели, зборува за еден веќе созададен урбанистички хаос.

-Во услови кога имате толку широко распостранет број на нелегално изградени објекти дека и притисокот за корупција и нивното легализирање е висок врз општините. Бројките покажуваат дека најголем број дивоградби беа изградени токму во Куманово, а пред еден месец имаше акција во која се отвори постапка со обвијниување за земање поткуп за градежен инспектор токму од Куманово. Сите тие нелегално изградени објкекти биле видливи за инспекциските служби. Прашањето е зошто тие биле неефикасни, јас одговорот сепак го наоѓам во корупцијата, наведува таа. 

Конференцијата „Заштита од корупција: Перспективи и решенија на локално ниво“, Центарот за граѓански комуникации ја
организира во рамки на проектот „Заштита од корупција“ којшто го спроведува со финансиска помош од Кралството на Холандија, а беа опфатени општините Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, тетово, Чаир и Штип.  вг/бак/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан