• сабота, 21 декември 2024

ЦГИ Прилеп: Првиот проект за ресоцијализација на осудените лица нуди резултати

ЦГИ Прилеп: Првиот проект за ресоцијализација на осудените лица нуди резултати

Прилеп, 30 март 2024 (МИА) - Речиси две години, тим од ментор, психолог, психијатар, правен советник работи со осудените лица во рамките на првиот проект во земјава за ресоцијализација на осудените лица по издржувањето на казната во казнено-поправниот дом во Прилеп.

Досега тимот работел со 80-тина осудени лица, а и со нивните семејства за побрзо и соодветно вклучување во општествениот живот. Стопанствениците покажаа заинтересираност и над 10 лица се веќе вработени. Ова се досегашните резултати на овој прв проект во земјава што го работи Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп, поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Проектот почна на 1 јули 2022 година и ќе трае до 30 јуни 2025 година.

-Досега имаме работено со околу 80 осудени лица во канзнено поправниот дом Прилеп и надвор од него, како и со нивните семејства за ослеснување на процесот на ресоцијализација и интеграција. Поддржани се повеќе од 8 лица во делот на домувањтое и поврзувањето со работодавачи, како и овозможување бизнис-пакети за проширување или отворање бизниси. Преку проектот досега има вработени повеќе од 10 поранешни осудени лица. Не е едноставно да се работи со лицата и семејствата зашто постои стигмата во заедницата, објаснува Даниела Цветаноска, проект менаџер од ЦГИ од Прилеп.

Посочи дека многу е битна реализацијата на проектот особено што кај 80 насто од осудените лица се јавува рецидив. -Нашата цел е токму тоа, да се намали рецидивизмот, а осудените лица да ја поминат таа стигма на непосакувани лица во општеството, односно да бидат целосно реинтегрирани, ресоцијализирани во општествениот живот по отслужувањето на затворската казна, вели Цветаноска.

Психологот Ана Алексоска неуморно работи со осудените лица во казнено-поправниот дом, надвор од него кога ќе ја завршат затворската казна, но и со нивните семејства кои трпат големи трауми.

-Најтешко е да се работи со лицата кои повторно се вратиле во казнено-поправниот дом. Работиме со семејствата кои најчесто се оставени и сами на себе, вели Алексоска.

Во рамки на проектот има работно тело составено од претставници на Центарот за социјални работи од Прилеп, од КПД Прилеп, од бизнис секторот и невладиниот сектор, како и Советодавно тело составено од претставници од народниот правобранител, од Јавното обвинителство кои тековно се известуваат за активностите. Се предвидени низа активности како состаноци, обуки, размена на искуства, подготовка на документи и други кои ќе им помогнат на затворениците во казнено-поправниот дом во Прилеп.ем/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан