• среда, 25 декември 2024

„Цветинова награда за мир“ за Коста Балабанов

„Цветинова награда за мир“ за Коста Балабанов
Скопје, 16 ноември 2021 (МИА) - Сликарот и хуманист Живко Поповски - Цветин денеска на истакнатиот македонски историчар на уметноста и поранешен почесен конзул на Јапонија, Коста Балабанов му ја врачи „Цветиновата награда за мир“. -Можеби оваа награда требаше прво да му ја доделам на Коста Балабанов, кој уште во 1990 година напиша за мене една сказна „Живко А. Поповски и неговата борба против црниот коњ“, која ми е патоказ. Да се уништи плевелот што го јаде црниот коњ за да има мир, љубов и пријателство на земјата, изјави Поповски - Цветин. Додаде дека наградата му ја доделува на својот учител. Потсети на досегашната соработка и на дружбата со Балабанов, кој има 93 години, на неговите книги,  научни трудови, телевизиски и документарни емисии... Поповски - Цветин нагласи дека денеска се одбележуваат 75 години од формирањето на УНЕСКО и додаде оти тоа на некој начин е поврзано со културата, науката и мирот. -Живко со сопствена иницијатива и со сопствени средства веќе 40 или 50 години прави работа што многу луѓе не ја разбираат - тоа е борба против злото, борба за мир меѓу луѓето, борба за подобар живот на сите луѓе, изјави Балабанов по врачувањето на наградата. Покрај Коста Балабанов, досега „Цветинова награда за мир“ имаат добиено Димитар Илиевски, меѓународен шаховски мајстор, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ и Јордан Плевнеш. Поповски – Цветин досега подарил над 60.000 свои слики и организирал над 300 изложби во земјава и во Шведска, Полска, Германија, Италија, Канада, САД и во земјите од поранешна Југославија. Во 2009 година Поповски – Цветин беше номниниран за Нобелова награда за мир и беше меѓу петте кандидати од вкупно 205 кандидати. Во 2015 година создаде слика од 1001 метри. мд/са/

Остани поврзан