• четврток, 26 декември 2024

Цаца Николовска: Едногласно усвоен Деловникот, со него дефиниран фокусот на уставните измени согласно европскиот предлог

Цаца Николовска: Едногласно усвоен Деловникот, со него дефиниран фокусот на уставните измени согласно европскиот предлог

Скопје, 19 мај 2023 (МИА) -  Работната група што треба да ја подготви предлог-иницијативата за измени на Уставот денеска едногласно го усвои Деловникот за работа, кој утре или задутре ќе биде објавен на сајтот на Министерството за правда. Претседателката на Работната група, Маргарита Цаца Николовска по завршувањето на состанокот изјави дека оценува оти донеле добар Деловник, кој дефинира што ќе работат понатаму, без да се навлегува во дискусии, кои би ја одолговлекувале нивната работа. Одлуките ќе се носат со мнозинство од вкупниот број на членови. 

-Немаме многу време. Немаме зацртано рокови, но важно е да се имаат предвид сите оние можности, кои треба да ги искористиме за да може меѓународната заедница да продолжи да работи согласно нивната агенда, во која влегуваме и ние, рече Цаца Николовска. 

Нагласува дека работат согласно заклучоците на Собранието, одлуката на Владата, решенијата на Министерството за правда поврзани со европскиот предлог и Преговарачката рамка за продолжување на процесот на пристапување кон ЕУ и целта е да се даде предлог колку е можно поскоро, со цел државата да може да ги презентира резултатите, кои ги има преземено од меѓународната заедница. 

Во врска со тоа дали ќе се отворат други прашања поврзани со Уставот, Цаца Николовска нагласи дека засега нема такво нешто, дека надлежноста на групата е да се издрафтира нацрт-документот, да се достави до предлагачот, кој потоа ќе го достави до Собранието. 

На прашањето дали ќе се отвори темата за отстранување на 20 отсто од Уставот, односно во него да стои изрично албански јазик, Цаца Николовска рече дека мандатот на членовите на работната група не е неограничен, туку е во насока на европскиот предлог за продолжување на евроинтегративниот процес, во насока на решението на министерот, кое, пак влече од заклучоците на Собранието и меѓународно преземените обврски на државата.

Таа вели дека засега не може да каже колку амандмани ќе се подготват, но оти е потребно да донесат аргументирани одлуки, кои ќе им бидат понудени на граѓаните, на новинарите, но и на одредени политички личности и на одредени лица кои биле повикани да бидат дел од групата, но за жал одбиле. 

Ќе се расправа комплетно за целиот Устав, истовремено и за преамбулата и за нормативниот дел, бидејќи, како што рече, Цаца Николовска, она што ќе влезе во преамбулата ќе има рефлексија и во нормативниот дел.

Предвидено е Работната група да се состанува еднаш неделно, но како што рече нејзината претседателка, доколку се јави потреба тоа ќе се случува и почесто. Наредната седница на Работната група е закажана за 26 мај.

На 26 април беше одржана конститутивна седница на Работната група за подготовка на предлог иницијативата за потребата од уставни измени, за внесување на Бугарите, заедно со другите етнички заедници, што пак е услов за отворање на кластерите во процесот на преговори со Европската Унија. Работната група има 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции. 

Од редовите на СДСМ во групата членува Цветанка Иванова, Арбр Адеми е од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.

Од институциите Александар Спасов е од Кабинетот на претседателот, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.

Од редот на експертите во групата членуваат Сали Мурати - поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска - поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани - поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски - поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари - професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска - професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати - професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи - професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска - професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска - професор на Институт за национална историја.

Опозициските партии, меѓу кои и најголемата ВМРО-ДПМНЕ и покрај повиците од власта одбија да учествуваат во работната група. Остануваат на ставот дека нема да поддржат уставни измени и оти тие нема да бидат донесени за време на овој парламентарен состав. ац/лв/

Фото: Принтскрин/Министерство за правда

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан