• четврток, 26 декември 2024

Царовска: Со новиот закон за наставници и стручни соработници ја гарантираме сигурноста на работните места 

Царовска: Со новиот закон за наставници и стручни соработници ја гарантираме сигурноста на работните места 
Скопје, 23 април 2021 (МИА) - Нашите наставници подолго време апелираа дека се неопходни драстични промени во воспитно – образовниот систем што ќе ја подобрат наставата, но и ќе ја подигнат мотивацијата за работа. Конечно се задоволни затоа што тие промени се случуваат преку еден плански и заеднички пристап на институциите на системот со сите засегнати страни. Согласно тековните активности и најавените новини од септември, нивните очекувања се со стартот на новата учебна година сликата во училиштата да почне значително да се менува. Ова е заклучокот од денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници на Сојузот на просветните работници, на која фокус биле измените на Законот за наставници и стручни соработници, но и воопшто реформите со кои се соочува националниот образовен систем особено во делот на основното образование. Претставниците на Сојузот, како што соопштија од МОН, изразиле задоволство што конечно со нови законски одредби се намалуваат грижите на наставниците поврзани со сигурноста на работното место и што ќе можат да се фокусираат исклучиво на креативна реализација на наставата. - Повеќе нема да има вработувања на определено време, туку само на неопределено, а ќе се трансформира и работниот однос на оние кои во моментов на стапување во сила на законските измени се ангажирани со договори на одреден период, доколку истите ги исполнуваат законските услови. Велат дека е особено важно што се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници и што училиштата ќе може да исплаќаат додатоци кои во минатото не се исплаќаа, како додаток за одделенско и класно раководство, додаток за работа во ридско – планинско подрачје и слично. Според нив, праведно е и што со порастот на минималната плата, ќе расте и нивната, се наведува во соопштението од МОН. Можностите за кариерен напредок, се наведува во соопштението, дел од нивите членови веќе ги искористиле, односно аплицирале на повикот кој МОН го објави пред извесен период и се во постапка за напредување во звање, за што се добива дополнителен месечен приход. Министерката Царовска потенцирала дека наставниците се најважната алка во воспитно – образовниот процес и од нив, од нивната креативност и мотивација за работа, најмногу зависи квалитетот на генерациите кои излегуваат од училишните клупи. Оттука произлегуваат и новите законски решенија со кои се подобрува општествениот статус на наставниците и на стручните соработници. - Без вас наставниците не би можеле да ја спроведеме ниту најдобро напишаната реформа на хартија. Важни сте и мора така и да се чувствувате. Сите знаеме колку задоволството од работата и желбата за работа влијаат на крајниот исход и на резултатот. Во овој случај, крајниот исход е поврзан со иднината на државата, со создавањето на квалитетен кадровски потенцијал. Затоа, како Влада излегуваме во пресрет и ќе продолжиме со позитивните политики кои ве засегаат и обезбедуваат повеќе и подобри можности за секој вработен во училиште, рекла Царовска, стои во соопштението од МОН. Измените на Законот за наставници и стручни соработници се веќе во собраниска процедура и се очекува да бидат усвоени во следните неколку денови. цр/дма/

Остани поврзан