• четврток, 26 декември 2024

Царовска: Родовата рамноправност не е борба на мажите и жените

Царовска: Родовата рамноправност не е борба на мажите и жените
Скопје, 8 април 2021 (МИА) - Родовата рамноправност е значајна тема и основа за поставување на повисоки стандарди на живеење. Направен е значаен напредок во однос на родовата рамноправност, но пред нас имаме уште многу предизвици. Основното образование и образованието воопшто е место каде децата треба да стекнат базични знаења за рамноправноста воопшто и каде се создава самата родова рамноправност, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн дебатата „Предизвици за родовата рамноправност при донесувањето одлуки“ којашто беше завршен настан на кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки“ финансирана од Европската Унија, соопштија од МОН.
 

Токму затоа, како што нагласи министерката Царовска, трите основни столба во Концепцијата за основно образование се родова рамноправност, инклузија и културна интеграција.

-Кога зборуваме за интеркултура, на сите им е јасно дека станува збор за уставно загарантирано прашање, а инклузија и родова рамноправност, се вели дека се работи за коишто се борат граѓанските организации. Но, може ли една европска земја да има ваков став? Не смее. Земја која се залага за европски стандарди мора да зборува за инклузивно општество и родово рамноправно општество. Токму затоа носиме такви закони во Собранието. Ако носите законски решенија и ратификувате конвенции, а истите тие не се прелеат во сите документи, посебно во основно и средно образование, тогаш создавате граѓани коишто никогаш нема да бидат спремни да ги почитуваат вредностите коишто се уставно загарантирани и вредности кон коишто се стреми нашата земја, посочи министерката Царовска.

Со новата Концепција за основно образование како држава правиме исчекор за во иднина да имаме помалку предизвици и кога зборуваме но и кога дејствуваме во насока на остварување на родово рамноправно општество.

-Концепцијата за основно образование поставува темели идните генерации да не се соочуваат со превоспитување и јакнење на јавната свест на 20, 25, 30 години кога се соочуваат поинтензивно со родовата нерамноправност, туку вредносниот систем да биде поставен од најрана возраст. Родовата рамноправност не е борба на мажите и жените, напротив, значи живеење и владеење со принцип на еднаквост и само таква држава може да биде силна држава во којашто се искористува целосниот потенцијал којшто таа го има, рече министерката за образование и наука Мила Царовска. оџ/ац/

Остани поврзан