• четврток, 26 декември 2024

Царовска: Референдумот е демократско право, но недозволива е злоупотребата наставници, ученици и родители

Царовска: Референдумот е демократско право, но недозволива е злоупотребата наставници, ученици и родители
Скопје, 28 мај 2021 (МИА) – Референдумот е демократско право, но се злоупотребуваат наставници, ученици и родители, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска во врска со иницијативата за распишување референдум за Предлог-законот за дигитални учебници и наставни материјали во основното и средното образование иницирана од Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“. Царовска во вечерашното интервјуто на телевизија Сител негира дека одбива да дискутира со претставници од Граѓанската иницијатива. - Тие никогаш не побараа лична средба со мене. Тие бараа средба со претставници од Министерството и тоа се оствари. На таа средба имаше лице кое ги водеше забелешките, кои се нивните барања. За дигитализација речиси и да не се зборуваше. Се зборуваше за дигитална настава. Во суштина законот не ја регулира дигиталната настава, туку дигитални учебници и тоа само во едно одделение за да може да видиме мултимедијална содржина која ќе го олесни учењето. Од нивна страна имаа барања за родовите прашања да се тргнат од концепцијата, во суштина рамноправноста меѓу мажите и жените, објаснува Царовска, која потенцира дека исцрпени се сите можности за дискусија. - Нивното барање за референдум, е секако, нивно демократско право. Но не смееме никогаш да заборавиме дека злоупотребата на ученици, наставници, родители за вакво критично прашање, е недозволива, потенцира Царовска. Таа нагласи дека секој има право да каже што мисли и неговото мислење да се земе превид, но она што според неа е значајно, е да не се манипулира со информации и дезинформации. - Целиот овој процес гледаме дека одиме од една во друга лага. Никој не зборува за дигиталниот учебник како средство. Многу е апсурдно да повикувате на бојкот на процес кој се случува во светот и во регионот. И конечно, нашата држава фаќа чекор. Во Србија, од прво одделение, воведуваат дигитални учебници, вели Царовска. Во врска со информацијата дека во Белград секое дете ќе добие бесплатен таблет, министерката вели дека кај нас е предвидено уред да добие секое дете во државата, кое не може да си дозволи да го купи, да добие таблет на реверс за соодветното одделение. Таа нагласи дека немањето уреди за следење на настава било прашање и во септември. - Оваа година имавме 8.000 ученици, кои следеа настава на други начини, или во училница или на телевизија. Само 8.000 од вкупниот број ученици. Затоа што поголем дел од децата веќе имаат уреди. За првпат Законот гарантира дека државата и општината треба да набават уреди за оние ученици, кои не можат да си дозволат да ги купат. Ученикот кој нема дигитален уред и има само книга, далеку повеќе уназадува од оној кој има и таблет и книга и други можности за информирање. Токму затоа со законот ги изедначуваме правата на децата, кои досега немале можност да се сретнат со дигитални алатки со оние кои имале таква можност, вели Царовска. На забелешките дека дигиталните учебници не можат да бидат подготвени од јули до септември оти е тоа прекраток период, Царовска вели дека не треба да се суди пред време. - Минатата година сите убедуваа дека нема да има двонасочна комуникација меѓу наставници и ученици во текот на целата година затоа што нема пристап до интернет, но неа ја имаме. На 1 октомври учениците почнаа да учат на платформа и тоа го прават до ден денес. Затоа велам дека постојано има обид за дезинформации за лични или теснопартиски интереси. Образованието не е партиски интерес. Образованието е национален интерес, истакна Царовска.ир/дма/  

Остани поврзан