• сабота, 23 ноември 2024

Царовска: Образовната реформа е неопходна и итна, никогаш нема да биде вистински момент за промени

Царовска: Образовната реформа е неопходна и итна, никогаш нема да биде вистински момент за промени
Скопје, 18 декември 2020 (МИА) – Министерката за образование и наука Мила Царовска во вечерашното интервју за телевизија „Сител“ истакна дека образовните измени се неопходни и итни и оти тоа го покажуваат не само меѓународни истражувања и тестирања, туку и домашните. Таа уште еднаш повтори дека спојувањето на историја, географија и граѓанско општество во еден предмет, не е поради спорот меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и оти кај нас никогаш нема да биде погоден момент за образовни измени. - Очигледно 30 години никако да дојде погодниот момент за реформи во образованието. Ако не се промениме веднаш, ние сè уште создаваме пропуст во создавањето на идни генерации и оние кои се сега во училиште, кои можат да поведат, затоа што нашите деца имаат помалку присуство во училиште од земјите каде што има добри резултати на меѓународни тестирања. Тие не учат врз основа на теми интегрирано, врз основа на решавање на проблеми, туку сè уште учат фактографски, што е погрешно и напуштено како концепт во светот многу одамна. Ако сакаме како држава да фатиме чекор со светот, со европските држави, со развиените држави тогаш треба итно самите да се притиснеме да направиме реформи, нагласи министерката Царовска. Таа потенцира дека новата концепција за основно образование, којашто е национален концепт, е базирана на анализи и истражувања и добри практики од други земји, но адаптирана на нашата држава. - Образованието не е систем којшто вие го воспоставувате еднаш засекогаш, развојот не застанува никогаш, тој е континуитет, тој никогаш нема крај но треба да поставите модел којшто ќе биде функционален и којшто ќе има чекор со времето и тој во еден момент треба да се постави. Финска воспостави високи стандарди за наставниците, нови интерактивни програми, и првите резултати ги гледа после 10 години. Затоа што вие кога ќе го запишете детето во прво одделение, тоа после 10 години излегува од системот и влегува во средно образование. Тоа укажува дека уште многу инвестиции се потребни. Но од некаде треба да почнеме. Тоа значи дека ова е само почеток. Ни не велиме дека во цела деветолетка го воведуваме ова. Новата концепција се однесува на прво одделение и на шесто одделение, објасни Царовска. Во врска со предметот историја, таа рече дека заедно со наставниците, со родителите и со учениците ќе обезбедат историјата непречено да се учи заедно со другите содржини. Царовска негира дека процесот на создавање образовна реформа бил нетранспарентен. - Морам да истакнам дека прв беше консултиран синдикатот, се усогласи работната група, имаше презентација пред родители и ученици во образованието, имаше презентации пред наставници, следуваат други целни групи коишто се од понеделник на дневен ред, а исто така имавме и дискусија на владина седница. Сметам дека целиот процес е транспарентен, одговори министерката за образование. Потенцира дека предметите кои ќе се интегрираат во еден, како на пример, географија, историја и граѓанско опшетсво, се апсолутно споиви и соопшти дека образовната реформа е подготвувана 100 дена од работна група, составена од 13 стручни лица од природни и од општествени науки, академски професори по развојна психологија, лица кои се разбираат од образовни системи. - Апсолутно се споиви предметите, ниту ќе бидеме прва, ниту последна земја којашто го прави ова. Во Америка, во Европа, во Австралија, во приватните училишта во РСМ го имаме овој модел и тој е секаде во светот воспоставен. Значи ние го адаптираме на нашиот контекст, нашите потреби и нашите можности за да стартуваме од некаде. Секако подобрување ќе треба, но луѓето кои се вклучени апсолутно веруваат во ова, истакна Царовска. Таа потенцира дека идејата на новата концепција е дека секој ученик кој ќе заврши деветолетка треба да има познавање од мајчин јазик, математика, природни и општествени науки, втор изборен јазик, техника технологија и информатика, уметничко и физичко и здравствено образование. ир/бак/

Остани поврзан