• среда, 25 декември 2024

Царовска на средба со средношколците: Наставата со физичко присуство е најдобра опција

Царовска на средба со средношколците: Наставата со физичко присуство е најдобра опција
Скопје, 18 август 2021 (МИА) - Сојузот на средношколци денеска на онлајн-состанок со министерката Мила Царовска ја поздрави одлуката на Владата за започнување на новата учебна година со физичко присуство под протоколи за заштита на здравјето. Како што соопшти Министерството за образование и наука, од Сојузот сметаат дека наставата со физичко присуство на учениците е најдобар интерес за процесот на образование, за социјализацијата и заштитата на менталното здравје. - Задоволни сме од донесената одлука, бидејќи ние и минатата учебна година се залагавме училиштата да останат отворени. Се надеваме дека сите заеднички со почитување на мерките за заштита и протоколите ќе придонесеме за настава во училишни клупи колку што е можно подолго, рече Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколците. Министерката и средношколците на состанокот, како што информира МОН; го разгледаа здравствениот протокол за настава со физичко присуство во средните училишта и разговараа за негово надополнување со дополнителни мерки со цел да се обезбеди поголема заштита на учениците, наставниците и родителите. Министерката Царовска истакна дека учениците се меѓу најважните партнери на МОН во креирањето на образовните политики, но и мерките за заштита од пандемијата. - Навистина ми е драго што ќе имаме можност новата учебна година да ја започнеме со физичко присуство, бидејќи ние сме земја којашто најдолго ги држеше училиштата затворени поради пандемијата со Ковид-19. Главниот координативен кризен штаб оцени дека се создадени услови за настава со физичко присуство, за што вчера и Владата донесе одлука, рече Царовска. Министерката апелираше до средношколците и наставниот кадар доследно да ги почитуваат мерките за заштита и да се придржуваат на протоколите, бидејќи само така  училиштата може подолго да останат отворени. МОН потсетува дека од минатиот месец има подготвено уште две резервни сценарија кои се лесно применливи доколку се појави потреба, односно ако се влоши епидемиолошката состојба. - Едното е хибридниот модел кој се применуваше минатата учебна година – дел од учениците да следат настава со физичко присуство, додека останатите онлајн. Другото резервно сценарио е примена на систем на ротација - со менување на групи ученици на една недела со физичко присуство и онлајн, наведува Министерство за образование и наука. хс/цр

Остани поврзан