• петок, 27 декември 2024

Царовска на дебата со професори по уметностите: Не брзаме, туку доцниме со реформите во образованието

Царовска на дебата со професори по уметностите: Не брзаме, туку доцниме со реформите во образованието
Скопје, 12 јануари 2021 (МИА) - Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование (основно, средно и високо) од областа на уметностите  денеска учествуваа на онлајн-дебата во рамки на јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование. Како што информира Министерство за образование и наука, на состанокот биле кажани предлози и коментари на професорите од уметностите во врска со предложените реформи, но и констатирано дека тие се неопходни. Министерката Царовска истакна дека реформите требало да се случат уште пред десетина година и дека не се брза со новиот концепт, туку се доцни. - Првпат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и дека ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата, рече Царовска. Министерката посочи дека со предложената концепција се дава слобода на наставниците од уметностите во држењето на наставата и внесување на овие предмети и во првите два развојни периода, што сега не постои. - Исто така, започнуваме со вложување и опремување на училиштата во кабинети и други простории каде што учениците ќе може низ практична настава да се запознаат со предметите и да се стекнат со знаења, рече Царовска. Министерката, како што соопшти МОН, истакна дека секаде во свет рамката за Нацрт-концепцијата ја изработуваат педагози и психолози што е првата фаза, а потоа во пишувањето на наставните програми што се втората фаза се вклучени професори и наставници од посебните области коишто се вклучени во наставата. Министерството за образование и наука информира и дека ги продолжува дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата и дека од средината на декември до сега за предложената реформа биле консултирани сите засегнати страни, претставници од релевантни институции, универзитетски професори, над 4000 наставници, но и родители и ученици. - Вебинарот за презентација на нацрт-концепцијата го следеа сите директори на основните училишта и по еден предметен односно одделенски наставник, односно околу 1000 лица. Презентацијата поставена на Јутјуб ја имаат прегледано над 16.000 лица. Две посебни презентации за родители и ученици од училишта со македонски и албански јазик. Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, британска, швајцарска, делегација на ЕУ. Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование, наведува МОН во соопштението. Одржана е и онлајн-конференција со професори, наставници, претставници на ликовната, музичката и драмската дејност. Реализирани се средби и дебати со студентското собрание и професори на Природно-математичкиот факултет. Нацрт-концепцијата е објавена на веб-страницата на МОН и забелешки, коментари и предлози може да се поднесуваат до 20 јануари. МОН потенцира дека никој не е изоставен од  широк консултативен процес, бидејќи целта  е, како што посочува, да обезбеди целосна транспарентност на носењето на концепцијата и вклученост на сите страни. - Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред околу една година и е дел од владината програма, додава МОН. хс/дма/  

Остани поврзан