• вторник, 24 декември 2024

Спречени обиди за криумчарење ловечка муниција, цигари, брендирана облека и девизи

Спречени обиди за криумчарење ловечка муниција, цигари, брендирана облека и девизи

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Вкупно 68 парчиња непријавена облека со потпис на познатите трговски марки „Бос“ и „Ралф Лаурен“, се запленети на влез во државата на граничен премин Деве Баир по извршена контрола на автобус, информираа денеска од Царинската управа.   

Против патникот во чиј багаж се откриени непријавените парчиња облека се води прекршочна постапка, а започната е и постапка за заштита на право од интелектуална сопственост.

Според Цариската управа, на граничниот премин Дојран спречен е обид за нелегалено внесување на поголема количина патрони за ловечка пушка. Откриени се при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин.

- Поради сомневање во изјавата на лицето дека нема ништо за пријавување, инспекторите пристапија кон детален преглед на возилото при што пронајдени се вкупно 90 патрони ловечка муниција, сокриена на повеќе места -  под возачкото и совозачкото седиште, под патосникот пред совозачкото седиште,  под потпирачот за раце на задното седиште, во најлонска кеса сместена во детското седиште и во багажниот простор. Непријавената ловечка муниција е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена  прекршочна постапка, се вели во соопштението од Царинската управа.

Утринава во два часот после полноќ, на наплатната станица Петровец стопиран е автобус кој сообраќал на вонредна линија Скопје – Истанбул – Скопје, при што во багажот на еден од патниците е открена поголема количина на непријавена стока за која патникот не поседувал документ за платени царински давачки. Станува збор за вкупно 1.190 парчиња разни производи меѓу коишто ременчиња за часовници, батерии за слушни апарати, маски за телефони.

Царински службеници на граничен премин Богородица на влез во државата спречиле обид за нелегален внес на 9.600 парчиња цигари или вкупно 48 штеки цигари откриени при контрола на автомобил управуван од унгарски државјанин. Цигарите биле сместени во просторот околу резервната гума и во една од патните торби.

На граничниот премин Богородица, пак, спречен е обид за нелегален изнесување на девизи во износ од 10 илјади евра откриени кај возач на автобус. Согласно Законот за девизно работење, на патникот му се вратени 2000 евра, што македонски државјани можат да ги изнесат од државата без да ги пријават, а останатите се задржани, велат од Царинската управа и додаваат дека против лицето е поднесена пријава за девизен прекршок. сст/бак/

Фото: Царинска управа


 

 

 

 

Остани поврзан