• понеделник, 23 декември 2024

Царинска управа: Спречени обиди за криумчарење кокаин, цигари, офталмолошки производи, облека и нелегален изнес на девизи

Царинска управа: Спречени обиди за криумчарење кокаин, цигари, офталмолошки производи, облека и нелегален изнес на девизи

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Во текот на изминатата недела, царинските службеници на граничните премини и мобилни тимови при Одделението за оперативни работи, Сектор за контрола и истраги спречија обиди за криумчарење кокаин, цигари, офталмолошки производи, облека и друга стока, а спречен е и нелегален изнес на девизи, соопшти Царинската управа.

При контрола на стока наменета за увозник од Гостивар, пријавена за увозно царинење откриени се и производи што не биле опфатени со царинските документи.

- Спречен е обид за криумчарење на околу два килограми кокаин, што граѓанин од Бразил имал намера да го прошверцува по воздушен пат и преку Меѓународен Аеродром Скопје нелегално да го внесе во државава. Дрогата е пронајдена при претрес на лицето и тоа во внатрешноста на еден од двата куфери што ги носел бразилскиот државјанин. Претресот е извршен од страна на Мобилен тим со царинско куче во соработка со полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, СВР Скопје - единица за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, СВР Скопје - единица за недозволена трговија и Полициската станица за граничен надзор „Меѓународен аеродром- Скопје“. Дрогата е запленета, а од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против четири лица инволвирани во организирањето и вршење на транспорт на околу два килограми кокаин. , се наведува во соопштението.

Од Царинска управа информираат дека се спречени обиди за криумчарење на 85 штеки цигари по извршени контроли на гранични премини Меѓународен Аеродром Скопје, Богородица и Меџитлија.

- На излез од државата на Меѓународен Аеродром Скопје, царински службеници спречија криумчарење на 60 штеки цигари, што косовски државјанин сакал нелегално да ги изнесе од државата и по воздушен пат да ги внесе нелегално во Лондон. Штеките цигари се откриени при контрола на багажот на патникот. Цигарите се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка, велат од Царинска управа.

Оттаму појаснуваат дека 19 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари пронајдени под креветот во кабината на камионот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

- Шест штеки цигари без акцизни маркички, се откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените цигари, пронајдени во кеси сместени во кабината и во надворешни прегради на влекачот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка, се наведува во соопштението.

Царински службеници на граничен премин Богородица спречиле нелегален изнес на девизи. Девизите се откриени при претрес на тројца патници, македонски државјани, коишто патувале со автомобил. При контролата во чантата на еден од сопатниците, како и во џебот од панталоните на возачот биле пронајдени непријавени 10.990 евра, 3.200 американски долари и 500 швајцарски франци, за кои патниците не поседувале ниту документ за потекло. Согласно Законот за девизно работење, на лицата им се  вратени средства во противвредност од 2.000 евра, а останатите се задржани. За сторениот девизен прекршок е поведена прекршочна постапка.

-  Мобилен тим спречи обид за криумчарење на офталмолошки производи, меѓу коишто 16 леќи, 48 пакувања 360 мл раствор за дезинфекција на леќи, но и 137 делови за моторни пили. Непријавените производи се откриени при контрола на стока наменета за увозник од Гостивар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава  Тетово. Производите, што не биле опфатени со царинските документи, се запленети, а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка, велат од Царинска управа.

Оттаму информираат дека 55 парчиња облека се откриени при контрола автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени во четири куфери и торби сместени во багажникот на возилото се запленети, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

-Вкупно 228 пара женски обувки се откриени при контрола на камион со српски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Во товарниот дел на камионот, кој бил натоварен со стока наменета за фирма од Србија,  покрај пријавената стока биле откриени 19 кутии со женски обувки кои не биле опфатени со царинските документи. Истите се запленети, а против возачот е поведена прекршочна постапка. Вкупно 289 разни производи како часовници, чанти, обувки, парфеми и козметика, при што дел се со потпис на познати модни брендови,  се откриени при контрола на автомобил со чешки регистарски таблички, управуван од македонски државјанин пријавен на влез во државата на граничниот премин Табановце. Непријавените производи биле пронајдени во повеќе големи торби сместени во багажникот и на задното седиште. Производите се запленети, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка, се наведува во соопштението.

Од Царинска управа информираат дека 498 литри маслиново масло, 30 шишиња од по 750 мл вино и 450 парчиња женска облека,  се откриени при контрола на патничко комбе со германски регистарски таблички, управувано од германски државјанин на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во повеќе картонски кутии сместени во багажникот и во внатрешноста на возилото, се запленети, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Царината запленила 71 водни пумпи за автомобили се откриени при контрола на автомбил со хрватски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Производите, пронајдени во кутија сместена во багажникот на возилото и во кеса сместена на задното седиште, се запленети, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. дма/аа/

Фото: Царинска управа

 

Остани поврзан