Царинска управа: Откриени 580 парчиња куршуми во автобус, двајца осомничени лишени од слобода
- Мобилните царински инспектори увиделе оштетувања на надворешниот дел од вентилацијата на автобусот, при што во внатрешниот дел од вентилацискиот простор, помеѓу 50 пакувања кафе, пронашле кутија со вкупно 580 парчиња куршуми.
Скопје, 27 март 2026 (МИА) - Мобилен царински тим при Одделението за оперативни работи откри 580 парчиња куршуми при контрола на автобус на „Дурмо турс“ од Гостивар, што беше спроведена на влез во државата на граничен премин „Табановце“. Муницијата е трајно одземена, а задржан е и автобусот каде е откриена муницијата. Досега против двајца осомничени, кои беа лишени од слобода, Одделението за истраги поднесе кривична пријава до ОЈО - Куманово, а истрагата е проширена и кон други лица, соопштија денеска од Царинската управа.

- Делото е откриено на 26. месецов кога мобилен царински тим поради сомневање го застанал автобусот на „Дурмо турс“ што сообраќал на релација Италија - Македонија, на контрола. Притоа, мобилните царински инспектори увиделе оштетувања на надворешниот дел од вентилацијата на автобусот, при што во внатрешниот дел од вентилацискиот простор, помеѓу 50 пакувања кафе, пронашле кутија со вкупно 580 парчиња куршуми од кои најголем дел се со 9 милиметри калибар, информираа од Царинската управа.

Од Царинската управа нагласија дека продолжуваат со засилени активности за заштита на безбедноста на граѓаните. бд/дма/
Фото: Царинска управа