Царинската управа: На граничниот премин Дојран спречен обид за шверцување 5.050 штеки цигари, српски државјанин лишен од слобода
- Царинските службеници на граничниот премин Дојран открија и спречија обид за шверц на 5.050 штеки цигари и електронски цигари со вредност од осум милиони денари.
Скопје, 13 јануари 2026 (МИА) - Царинските службеници на граничниот премин Дојран открија и спречија обид за шверц на 5.050 штеки цигари и електронски цигари со вредност од осум милиони денари.
Како што информира Царинската управа, инспектори од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги го лишија од слобода осомничениот српски државјанин, возач на камионот, против кој е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело шверцување и за фалсификување исправа, казниви по Кривичниот законик.
- Делото е откриено во неделата вечерта на излез од граничниот премин Дојран кога царинските службеници, применувајќи напредни оперативни техники и аналитичко расудување при процена на конкретната состојба на терен, извршија контрола на камионот пријавен како празен. При детаљниот преглед е откриен специјално конструиран бункер со преграда, каде што се откриени 101 пакет со цигари и електронски цигари. Дополнително, со асистенција на полициските службеници утврдено е дека бројот на шасијата на полуприколката не е идентичен со бројот на шасијата во сообраќајната дозвола што ја употребил како вистинска кога ја дал на увид - наведува Управата.
Ова е втор случај за многу кратко време на обид за швверцување големи количини цигари во специјално конструирани бункери во камиони откриени на гранични премини на територија на царинарница. Гевгелија. мч/вг/
фото: Царинска управа