• понеделник, 23 февруари 2026

Царините носат нова неизвесност за американските сојузници, според анализа на Би-Би-Си

Царините носат нова неизвесност за американските сојузници, според анализа на Би-Би-Си

Лондон, 21 февруари 2026 (МИА) - Во анализа британската Би-Би-Си оценува дека не е изненадувачки што американскиот претседател Доналд Трамп се одлучил за поинаков правен пат за воведување нови глобални царини од 15 проценти.

Како што наведува Би-Би-Си, царините се централен дел од економската стратегија на претседателот, па затоа одлуката на Врховниот суд - која утврди дека тој ги надминал своите овластувања кога вовел глобални царини со повикување на вонредни овластувања - претставуваше значително ограничување на неговата моќ.

Трамп најави дека неговата администрација ќе продолжи да поставува и воведува нови, законски дозволени царини во наредните месеци, тврдејќи дека тие ќе донесат уште повеќе приходи отколку претходниот состав.

Сепак, како што истакнува Би-Би-Си, тоа што е сигурно засега е континуираната неизвесност за бизнисите и сојузниците на САД. Некои земји, како што се Обединетото Кралство, Мексико и Германија, внимателно ја поздравија вчерашната пресуда, но рекоа дека ќе почекаат и ќе видат какви ќе бидат следните потези на американскиот претседател. Би-Би-Си, исто така, предупредува дека останува отворено прашање дали компаниите што ги платиле сега нелегалните царини ќе ги добијат своите пари назад.

Новите глобални царини, како што потсетува Би-Би-Си, може да останат во сила најмногу 150 дена без одобрение од Конгресот. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан