• петок, 27 декември 2024

Хјуман рајтс воч: Убиството на тројца новинари во израелски напад во Либан е воено злосторство

Хјуман рајтс воч: Убиството на тројца новинари во израелски напад во Либан е воено злосторство

Њујорк, 25 ноември 2024 (МИА) – Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) денеска оцени дека израелскиот напад во Либан во октомври, во кој беа убиени тројца новинари, најверојатно е намерен напад врз цивили и очигледно воено злосторство.

Тројца новинари загинаа, а неколку беа ранети додека спиеле во гостилница во јужен Либан. Тоа беше еден од најсмртоносните напади врз медиумите од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах пред 13 месеци.

Оттогаш, уште 11 новинари се убиени, а осум се ранети, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абијад.

ХРВ заклучи дека израелските сили користеле бомба од американско производство со систем за наведување JDAM во нападот на 25 октомври.

ХРВ оцени дека американската влада треба да ја прекине испораката на оружје за Израел поради повторените „незаконски напади врз цивили, во кои американски официјални лица би можеле да бидат соучесници во воени злосторства“.

Израелската војска веднаш не го коментираше извештајот.

ХРВ пронашла остатоци од бомбата на местото на нападот и прегледала фотографии од деловите собрани од сопственикот на гостинската куќа и заклучила дека тие одговараат на комплетот за наведување бомби JDAM кои ги составува и продава американската компанија Боинг. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан