• среда, 25 декември 2024

Хјуман рајтс воч: Паравоените сили и армијата извршиле бројни сексуални напади во Судан

Хјуман рајтс воч: Паравоените сили и армијата извршиле бројни сексуални напади во Судан

Њујорк, 29 јули 2024 (МИА) - Хјуман рајтс воч (ХРВ) предупреди дека паравоените групи и армијата извршиле бројни сексуални напади во суданскиот главен град Картум и неговите предградија за време на граѓанската војна во земјата.

Невладината организација со седиште во Њујорк соопшти дека собрала сведоштва од 42 здравствени работници и работници на терен кои пријавиле 262 случаи на сексуално насилство во суданската престолнина помеѓу почетокот на војната во април 2023 година и февруари 2024 година.

„Насилството главно влијаело на жени и девојчиња на возраст од 9 до 60 години, а имало и случаи на групно силување“, се вели во извештајот објавен денеска од организацијата.

Најмалку четири жени ги загубиле животите како последица на повредите.

Војната, која трае повеќе од 15 месеци меѓу армијата предводена од ген. Абдел Фатах ал-Бурхан и Силите за брза поддршка (СБП) на неговиот поранешен заменик, генералот Мохамед Хамдан Дагло, доведоа до смрт на десетици илјади и предизвикаа сериозна штета на инфраструктурата на земјата, вклучително и болници и здравствени центри.

СБП е конкретно обвинета за „индивидуално и колективно силување и принудување на брак безброј жени и девојки во области на суданската престолнина“, според Летиција Бадер, заменик директор на ХРВ.

Извештајот од 88 страници, исто така, ги опиша „условите што може да претставуваат сексуално ропство“.

Најголем дел од обвинувањата се против СБП, но вмешана е и армијата. Иако е „помалку на број“, бројот на случаи познати на организацијата кои ја обвинуваат суданската армија се зголеми по „преземањето на Омдурман“, североисточното предградие на Картум, претходно оваа година. ХРВ конкретно ја обвинува СБП за „воени злосторства и злосторства против човештвото“, а двете страни за „воени злосторства“ за нивните напади врз здравствениот систем.

„Нападите на завојуваните страни против здравствениот систем и медицинскиот персонал, во комбинација со ограничувања на движењето на цивилите, тековните борби во населените области и намерното попречување на помошта, ја направија 'итна медицинска помош по силување' недостапна“, наведено е во извештајот.

Некои жени неуспешно се обиделе да ја прекинат бременоста која настанала како резултат на силување. паг/
 

 
 
 

 

 

Остани поврзан