• среда, 25 декември 2024

Хуманитарните организации сакаат да го спречат ширењето на полио во Газа преку масовна вакцинација

Хуманитарните организации сакаат да го спречат ширењето на полио во Газа преку масовна вакцинација

Каиро, 17 август 2024 (МИА) - Заканата од детска парализа рапидно расте во Појасот Газа, што ги натера хуманитарните организации да повикаат на итна пауза во војната за да можат да ги зголемат вакцините и да спречат вистинска епидемија, пренесе Бета.

Со цел да се спречи голема епидемија, хуманитарните организации се подготвуваат да вакцинираат повеќе од 600.000 деца во наредните недели. Тие велат дека овие амбициозни планови за вакцинација се невозможни без пауза во борбите меѓу Израел и Хамас.

-Здравствените работници во Газа се подготвуваат за масовна кампања за вакцинација која треба да започне на крајот на август и да продолжи до септември. Целта е да се вакцинираат 640.000 деца помлади од 10 години во два круга на вакцинација, според СЗО.

Еден случај на детска парализа е потврден во Газа, а други се осомничени откако вирусот беше откриен во отпадните води на шест различни локации во јули.

Детската парализа беше искоренета во Газа пред 25 години, но бројот на вакцини е значително намален од почетокот на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас пред 10 месеци, а територијата стана почва за вирусот, соопштија хуманитарните организации.

Стотици илјади раселени Палестинци се сместени во шаторски кампови каде што нема чиста вода или соодветна канализација или депонирање ѓубре.

-Очекуваме и се подготвуваме за најлошото сценарио на епидемија на полио во наредните недели или месеци, изјави Френсис Хју од одделот за Газа на „CARE International“.

Светската здравствена организација и Детската агенција на ОН (УНИЦЕФ) во заедничко соопштение вчера рекоа дека е неопходна најмалку седумдневна пауза за спроведување на планот за масовно вакцинирање.

ОН планираат да донесат 1,6 милиони дози вакцина против детска парализа во Газа, каде што се уништени санитарните и водните системи.

Полио или полиомиелитис е сериозна заразна болест која во некои случаи може да доведе до парализа или смрт, а првенствено се шири преку контакт со отпадна вода која содржи инфицирани фекални материи.

Хуманитарната група „Mercy Corps“ проценува дека околу 50.000 бебиња родени од почетокот на војната не биле вакцинирани против детска парализа.

Светската здравствена организација и УНИЦЕФ вчера објавија дека три деца се сомничат дека се заразени и дека нивните примероци од столицата се испратени на тестирање во Јордан.

Министерството за здравство во Рамала на Западниот Брег доцна вчера објави дека тестовите спроведени во Јордан потврдиле детска парализа кај еден случај на 10-месечно бебе во Газа.

Портпаролот на УНИЦЕФ Амар Амар изјави денеска дека ова е многу загрижувачко и дека е невозможно да се спроведе вакцинација во активна воена зона и дека алтернативата е незамислива за децата во Газа и целиот регион.

Хуманитарните работници предвидуваат дека ќе се зголеми бројот на сомнителни случаи на детска парализа и стравуваат дека ќе биде тешко да се спречи инфекцијата доколку не се интервенира веднаш.

Израелското воено тело задолжено за цивилните палестински прашања соопшти дека се подготвува да поддржи сеопфатна кампања за вакцинација. И Хамас, кој е на власт во Газа, вчера објави дека ќе поддржи седумдневно примирје за да се олесни вакцинацијата.

Преговорите за прекин на огнот во Газа продолжуваат во Каиро следната недела. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан