• понеделник, 29 јули 2024

Хуманитарен отворен ден во организација на Црвен крст - Делчево

Хуманитарен отворен ден во организација на Црвен крст - Делчево

Делчево, 25 април 2023 (МИА) - Во организација на волонтери од делчевскиот Црвен крст денеска се реализираше хуманитарен отворен ден. Активноста се реализира во насока на спроведување на ЦКА-ПХВ проектот „Мали чекори кон надежта“, кој има за цел да им се помогне на семејства во социјален ризик од Делчево.

Волонтерот Антонела Николовска истакна дека се работи за финална активност од проектот, кој според делчевскиот волонтер треба да има и  соодветни резултати.

-Си зададовме за цел денес да организираме Отворен хуманитарен ден кој што ќе биде забавен, за да направиме нешто интересно за младите, а кој воедно ќе ни помогне да ја постигнеме нашата цел во собирање парични средства. Нашиот проект е наменет за помош на четиричлено семејство и е една од финалните активности кои ги правиме, а кои како учесник можам да кажам дека се доста интересни активности во нашиот град, рече Николовска. 

Како дел од ЦКА-ПХВ проектите во текот на изминатата сабота младите волонтери реализираа собирна акција за собирање мебел и друга покуќнина, која ќе биде наменета исто така за семејство од социјален ризик од Делчево.
 
-Секоја група има своја цел, имаме неколку групи во рамки на проектот. Нашата цел е да собереме средства да реновираме тоалет на семејството на кое му помагаме. Другиот проект е за реновирање на соби на загрозена фамилија, така што можам да кажам дека сме задоволни и очекуваме уште многу вакви акции за да ја достигнеме нашата цел, додаде делчевскиот волонтер.
 
 
Во рамки на денешниот Хуманитарен отворен ден учесниците се натпреваруваа во повеќе детски игри како клинка, трчање во вреќа, игра „јајце во лажица“, влечење со јаже и други. вс/мд/
 

Остани поврзан