• сабота, 23 ноември 2024

Хукстра: Не може да има неказнивост за кршење на правата и насилство врз новинаритете 

Хукстра: Не може да има неказнивост за кршење на правата и насилство врз новинаритете 

Брисел, 23 октомври 2024 (МИА) - Русија малтретира, заплашува и врши насилство врз новинарите и медиумските работници, во обид да ги замолчи со цел да не дозволи светот да добие целосни и непристрасни информации за тоа што всушност се случува таму, порача еврокомесарот за климатска акција Вопке Хукстра во обраќање пред Европскиот парламент. 

- Таа се обидува да спречи разоткривање на дезинформациите пласирани од руската држава за војната што ја води во Украина, нагласи Хукстра во говорот што го одржа во име на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на парламентарната дебата посветена на заштита на европските новинари кои известуваат за руската агресија врз Украина 

Според Хукстра, во Русија не постои никакво почитување на слободата на медиумите и не се почитуваат правилата за заштита на новинарите во конфликтните зони.  

- Просторот за медиумите во земјата драматично се намали по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина. Многу медиуми беа принудени да го прекинат своето работење, повеќето независни новинари ја напуштија земјата, а многумина се изложени на прогонувани. Оваа ужасна репресија врз независните медиуми, исто така пресликана на линијата на фронтот и на териториите на Украина привремено окупирани од Русија, рече Хукстра. 

Тој посочи дека според организацијата „Репортери без граници“, од почетокот на руската инвазија врз Украина над 100 новинари биле „жртви на руските злосторства“, меѓу кои најмалку 35 ранети, и 12 приведени, а дополнително на украинските територии под руска контрола биле затворени 233 медиуми. 

Според Хукстра, неодамнешната смрт на украинската новинарка Викторија Рошчина во руски затвор е уште еден пример за непочитувањето на слободата на медиумите и меѓународните обврски од страна на Русија. 

- Таа е 13-тата убиена новинарка од почетокот на руската целосна инвазија врз Украина и тоа е апсолутно засрамувачки, истакна еврокомесарот. 

Хукстра потсети дека руската Федерална служба за безбедност поведе кривични постапки против новинари кои известувале за украинската контраофанзива кај Курск, нагласувајќи дека досега „вакви крајно смешни обвиненија“ покренати против 14 странски новинари.  

- Тоа е јасен обид да се заплашат новинарите и да се обесхрабрат да ги извршуваат своите професионални обврски. Тоа не можеме да го дозволиме, нагласи Хукстра. 

Според него, ЕУ е јасна во својот став дека новинарите и медиумските работници играат незаменлива улога во обезбедувањето точно и навремено известување од воените зони, обезбедувајќи информациите за реалноста и влијанието на војната да допрат до глобалната публика.  

- Новинарите се сметаат за цивили според меѓународното хуманитарно право и треба да бидат активно заштитени во сите конфликтни ситуации. Европската Унија ја осуди и ќе ја осуди секоја форма на вознемирување, заплашување и насилство од страна на Русија врз новинарите и медиумските работници, кои известуваат од воени зони и фронтови. За нив секогаш мора да се обезбеди сигурност и заштита. Не може да има неказнивост, повторувам, не може да има неказнивост за кршење на човековите права и насилство на новинарите, потенцира Хукстра. 

Тој додаде дека пристапот на ЕУ кон Русија е јасно познат. - Ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно, ќе ја изолираме Русија, ќе воведеме санкции за да ја попречиме руската воена машина и ќе се залагаме за човековите права и ќе се залагаме за медиумите и за нашите новинари, рече Хукстра. 

Според него, ЕУ бара од Русија да престане со злоупотребата на нејзиниот криминален систем за заплашување на новинарите и другите граѓани со покренување политички мотивирани кривични постапки против нив.

- Накратко, Европската Унија ќе остане цврста во својата заложба за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, и дома и во странство, заклучи Хукстра во обраќањето пред европратениците во име на високиот претставник Борел. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан