• среда, 25 декември 2024

ХРВ: Прекинот на телекомуникациите во Газа ризикува да обезбеди покритие за масовни злосторства

ХРВ: Прекинот на телекомуникациите во Газа ризикува да обезбеди покритие за масовни злосторства

Њујорк, 28 октомври 2023 (МИА) - Речиси целосниот прекин на телекомуникациите во Газа поради тековното израелско бомбардирање на палестинската територија ризикува да обезбеди покритие за масовни злосторства, објави Хјуман рајтс воч (ХРВ). 

Пристапот до интернет и телефонската мрежа беа целосно прекинати низ Појасот Газа вчера, речиси три недели откако Израел почна да ја бомбардира енклавата по вооружениот напад на милитантите на Хамас во кој израелските власти велат дека загинале најмалку 1.400 луѓе, главно цивили. 

Министерството за здравство во Појасот Газа, управуван од Хамас, соопшти дека најмалку 7.326 луѓе се убиени во одмаздничките напади на Израел од нападот на 7 октомври, главно цивили и многу од нив деца. 

-На 27 октомври 2023 година во Газа се случија широко распространети прекини на телефонските врски и интернетот, во услови на израелско бомбардирање, речиси целосно отсекувајќи ги 2,2 милиони жители од надворешниот свет, се вели во соопштението на ХРВ. 

Овој прекин, според нив, ризикува да обезбеди покритие за масовни злосторства и да придонесе за неказнивост за кршење на човековите права, нагласи во изјавата Дебора Браун, висок истражувач на групата за технологија и човекови права. 

Голем број меѓународни агенции и невладини организации рекоа дека изгубиле контакт со нивниот персонал во Газа вчера, вклучително и хуманитарната агенција на ОН OCNA. 

Нејзиниот хуманитарен координатор Лин Хестингс рече во изјавата дека болниците и хуманитарните операции на ОН „не можат да продолжат без комуникации“, заедно со енергија, храна, вода и лекови. 

Невладината организација Амнести интернешенел соопшти дека изгубила контакт и со колегите во Газа. 

Овoj прекин на комуникациите значи дека ќе биде уште потешко да се добијат критични информации и докази за кршење на човековите права и воени злосторства извршени врз палестинските цивили во Газа, се додава во соопштението на ХРВ. 

-Светската здравствена организација повеќе не е во контакт со својот персонал, здравствените установи и другите партнери во опколениот Појас Газа, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан