• петок, 03 април 2026

ХРВ: Иран користи забранета касетна муниција против Израел

ХРВ: Иран користи забранета касетна муниција против Израел

Њујорк, 30 март 2026 (МИА) – Меѓународната невладина организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) денеска објави дека Иран, од почетокот на војната на 28 февруари, користи забранета касетна муниција против Израел, оценувајќи дека тоа би можело да претставува воено злосторство.

ХРВ тврди дека оружјето, кое носело балистички ракети, предизвикало цивилни жртви и претставува постојана закана поради распрснувањето на повеќекратни експлозивни полнења на широки области.

Невладината организација анализираше 50 видеа и пет фотографии објавени на интернет, кои ја покажуваат наводната употреба на касетна муниција од страна на Иран во периодот од 1 до 20 март, како и шест фотографии од неексплодирана подмуниција во Израел и во Западниот Брег.

ХРВ нагласува дека касетната муниција е меѓународно забранета поради неселективна природа и го изложува цивилното население на непосредни и долгорочни ризици, особено кога нејзините сегменти не експлодираат, туку остануваат на земја.

ХРВ го повика Иран, кој не ја ратификуваше Конвенцијата за касетна муниција од 2008 година, да престане да ја користи и повтори дека сите страни во конфликтот се должни да го почитуваат меѓународното хуманитарно право. ми/сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан