• петок, 27 декември 2024

Хрватскиот публицист Никола Гамилец во Тетово: Литературата ги надминува националните граници

Хрватскиот публицист Никола Гамилец во Тетово: Литературата ги надминува националните граници

Тетово, 30 септември 2023 (МИА) - Македонско-хрватското друштво вчеравечер во Тетово го организираше настанот „Разговори“ посветен на современата хрватска книжевност, на која се обрати хрватскиот новинар, публицист и книжевен критичар д-р Никола Гамилец од Загреб. Модераторот Марко Видачек за опусот на Гамилец истакна дека неговите текстови се своевиден личен животопис, критика и сугестија за современите и актуелни теми низ кои провејува неспорен космополитски дух и широкогледност.

-Едноставно станува збор за остроумен наратор од кого може да дознаете и за некој светски настан чиј е очевидец, но и за брзата помош или асфалтот во Загреб. Пишувајќи и за современите феномени како отуѓеноста, самоизолираноста, но и пријателствата и социјалните мрежи, често навраќајќи се на животни ситуации од кои влече паралела, на природен, наративен и детален начин овековечува секојдневни моменти кои ретко – кој ги забележува, истакна Видачек.

Публицистот Гамилец на почетокот потсети за едно писмо испратено во средновековието, во кое најдолу било означено дека авторот немал време да напише пократко, па испратил долго писмо, што беше една увертира за вчерашниот едночасовен настан. Во своето излагање Гамилец се осврна на брановите во литературата од 70-тите години па наваму, за што и самиот сведочи. Посебен аспект беше ставен на делата за кои има напишано рецензии и предговори.

- „Созревањето“ за пишување може да дојде во различна возраст, мои колеги свои „првенци“ имаат објавувано во своите 20-ти години, но и во своите 70-ти години. Литературата ги надминува националните граници, правејќи ги книжевниците да бидат и „сечии“ и „ничии“, порача хрватскиот автор Гамилец.

Запрашан за неговите кратки текстови, дали може да го очекуваме Тетово во нив, тој одговори потврдно. Кажа дека веќе го има насловот – „Првото утро („утрење“) во Тетово.

Својот разговор го заврши со и со осврт кон ромската малцинска литература.

- Кога бев повикан да направам рецензија за една ромска книга, јас само ги заменив имињата и презимињата од текстот … И добив потполно исто. Сите ние сме луѓе од крв …“, истакна Гамилец.

Роден е во 1955 година. На Универзитетот во Загреб ги завршува своите дипломски, магистерски и докторски студии, а се усовршува на ББЦ и на Институтот за известување за мир и војна во Лондон. Бил директор и главен уредник на печатени медиуми, радија и телевизии, објавува кратки приказни, проза со документаристичка – социјална содржина од позицијата на сведок и учесник. Автор е на 500-тини стручни дела објавувани на хрватски, чешки и англиски јазик.

Бил професор на Универзитетот во Загреб, Американскиот универзитет во Дубровник и на Карловиот универзитет во Прага. Последните години уредува, рецензира и пишува предговори и книжевни критики за новите изданија на современата книжевност. ас/ев/

ФОТО: МХД Тетово 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан