• среда, 18 декември 2024

Хрватскиот парламент ќе расправа за доверба на премиерот Пленковиќ

Хрватскиот парламент ќе расправа за доверба на премиерот Пленковиќ

Загреб, 3 декември 2024 (МИА) - По еднонеделен одмор, парламентарците во Хрватска се враќаат и ги очекува многу работа во следните две недели, од донесувањето на државниот буџет за 2025 година и изборот на уставни судии до потврдувањето на нов министер за здравство и расправа за доверба на премиерот, јавија хрватските медиуми.

Прашањето за доверба на премиерот Андреј Пленковиќ го отвори СДП, по последниот корупциски скандал, апсењето на министерот за здравство Вили Берош, за што денеска ќе расправаат пратениците.

СДП го образложи својот предлог хрватскиот Сабор да му изрази недоверба на Пленковиќ во 14 точки, на 17 страници.

Од Владата ги отфрлаат како неосновани сите наводи на СДП и посочуваат дека нема основа за изгласување недоверба на премиерот.

– Како и секоја иницијатива која не води сметка за фактите, туку се потпира исклучиво на невистини и обид за измама на јавноста, така и оваа иницијатива на СДП е однапред осудена на пропаст, додаваат од Владата.

За да помине предлогот за импичмент на премиерот, СДП треба да собере 76 гласа.

Неделава хрватскиот Парламент треба да избере десет судии на Уставниот суд на кои мандатот им истекува на 7 декември.

По речиси двонеделен застој, вчера продолжија преговорите меѓу власта и опозицијата за десет нови кандидати за уставни судии.

В среда се очекува седница на Комисијата за устав и деловник, а во четврток расправа во Собранието и гласање во петок, ден пред истекот на мандатот на актуелните судии.

За избор на уставни судии потребно е двотретинско мнозинство, односно 101 глас, за секој кандидат се гласа поединечно, а тие се избираат за мандат од осум години.

Собранието в петок треба да го изгласа државниот буџет за следната година чии приходи би изнесувале 33 милијарди евра, а расходите 37 милијарди евра.  

До крајот на годинашната редовна седница, која завршува на 15 декември, Собранието треба да и изрази доверба на Ирена Хрстиќ да го преземе раководството со Министерството за здравство. Долгогодишната директорка на болницата во Пула, а сега државен секретар, беше предложена за нов министер за здравство откако поранешниот министер Берош беше уапсен и разрешен.

На дневен ред за дискусија и гласање се низа закони, како и одлука за учество на хрватски офицери во активноста за поддршка на НАТО за Украина. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан