• среда, 25 декември 2024

Хрватска: ХСС,Глас и Центар остануваат во коалиција со СДП, ИДС и Фокус ја напуштија, тврдат дека Милановиќ не е причината

Хрватска: ХСС,Глас и Центар остануваат во коалиција со СДП, ИДС и Фокус ја напуштија, тврдат дека Милановиќ не е причината

Загреб, 20 март 2024 (МИА)  - Откако две од 10-те опозициски партии, Фокус и Истарската демократска алијанса (ИДС), ја напуштија левата предизборна коалиција со СДП, од ХСС, ГЛАС и Центар денеска објавија дека остануваат со оваа партија.

Фокус и ИДС вчера ја напуштија коалицијата со СДП, а медиумите шпекулираат дека тоа е поради најавата на претседателот Зоран Милановиќ  дека ќе учествува на парламентарните избори и ќе биде нов премиер, што Уставниот суд го забрани. 

Лидерите на Фокус и ИДС негираа дека Милановиќ е причината за нивното излегување од коалицијата.

Останувањето во коалицијата го потврди и Крешо Бељак, претседателот на ХСС, кој кажа дека останува на својата одлука да го поддржи човекот кој ќе ја спаси Хрватска од бандите и мафијата.

Претседателот на Центар, Ивица Пуљак, останува на својата одлука да остане во коалицијата со СДП, за која е убеден дека на изборите ќе ја смени ХДЗ од власта.

Пуљак потсети дека ИДС од почетокот сакала самостојно да учествува на изборите во осмата ИЕ, а она што, како што вели, е најважно за неговата партија, е дека коалицијата на партии предводена од СДП програмски тргнала кон политичкиот центар.

-Мислам дека тоа се политики кои се добри за иднината на нашите граѓани и сигурни сме дека за еден месец ќе ја смениме ХДЗ, рече Пуљак.

Тој додаде дека Центар се уште разговара со СДП за списоците и за изборната програма.

Претседателката на ГЛАС, Анка Мрак Тариташ за ХТВ изјави дека нејзината партија останува во коалиција со СДП.

-Кога седнавме на масата, трипати прашав дали сите сме подготвени да се приклучиме на таа коалиција и сите рекоа да, се присети Марк Тариташ.

Таа додаде дека коалициите и договорите не се едноставни, туку, како што вели, ќе биде уште покомплицирано на 18 април, денот потоа.

-Во добра коалиција сите мора да бидат незадоволни, но нашата крајна цел е да постигнеме што подобар исход на овие избори и сакам тој да биде во тимот што ќе ја постигне таа цел, изјави Мрак Тариташ. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан