• среда, 25 декември 2024

Хрватска од утре воведува нови мерки, Ковид потврдите задолжителни

Хрватска од утре воведува нови мерки, Ковид потврдите задолжителни
Загреб, 5 ноември 2021 (МИА) - Националниот штаб за цивилна заштита на Хрватска денеска, кога е соборен нов рекорд од 6.932 нови случаи во земјата, соопшти дека од 15 ноември ќе се прошири употребата на Ковид-потврдите, кои ќе бидат задолжителни за корисниците и вработените во јавните и државните служби. - За да се спречи ширењето на заразата, неопходно е да се дејствува во три насоки: да се постигне поголема вакцинација, да се ограничат собирите, да се постигне поголема безбедност при извршувањето на дејностите, кои нема да бидат ограничени, рече на прес-конференција началникот на Генералштабот, Давор Божиновиќ. Тој најави дека поради тоа ќе се воведат нови епидемиолошки мерки, така што од утре ќе бидат ограничени собирите. Потврда за вакцинација, прележаност и негативен тест од средината на ноември ќе бидат задолжителни за сите вработени во државните и јавните служби, како и за граѓаните кои ќе ги користат нивните услуги и ќе дојдат во нивните простории. Божиновиќ рече дека од 4 јануари, доколку не се подобри состојбата, ќе се воведат Ковид потврди кои ќе можат да ги добијат само оние кои се вакцинирани или оздравеле од Ковид-19, односно нема да ги добиваат оние кои се тестираат. Со новата одлука која стапува на сила утре, штабот дополнително ги ограничи собирите на затворено и на отворено. Од утре се забранети сите јавни собири во затворени простории со повеќе од 50 лица, освен оние на кои присуствуваат лица со Ковид потврда, но отсега задолжително ќе биде носење маски и одржување растојание. паг/  

Остани поврзан