• вторник, 24 декември 2024

Хрватска: Од денеска нема гранични контроли на летови на авиони во рамките на Шенген

Хрватска: Од денеска нема гранични контроли на летови на авиони во рамките на Шенген

Загреб, 26 март 2023 (МИА) - На аеродромите во Хрватска од денеска се укинати граничните контроли за патници на летови во рамки на Шенген зоната.

На 1 јануари Хрватска стана членка на Шенген, со што ги укина контролите на внатрешните копнени и поморски граници.

Примената на шенгенските правила на аеродромите од технички причини беше најавена за 26 март, кога почнува летниот распоред на летови.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска девет меѓународни аеродроми во Хрватска започнале со целосна имплементација на шенгенските правила. Тоа се аеродромите во Загреб, Дубровник, Сплит, Задар, Пула, Риека, Осиек, Мали Лошињ и Брач.

Во соопштението на МВР на Хрватска, се нагласува дека од вкупниот број на патници во авиопревозот, во просек 70 отсто ќе бидат патници во Шенген зоната, а 30 отсто надвор од таа зона. Исклучок е аеродромот во Дубровник, каде што бројот на двете групи патници е еднаков.

Од МВР додаваат дека на аеродромите ќе се спроведат сите транзициски планови и ќе се направат сите неопходни инфраструктурни корекции за да се дефинира протокот на патници, односно раздвојување на шенгенските и нешенгенските летови. ссм/

Остани поврзан