• вторник, 24 декември 2024

Хрватска континуиран поддржувач на нашата земја во евроинтегративниот процес

Хрватска континуиран поддржувач на нашата земја во евроинтегративниот процес

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска остварила средба со хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ, соопшти собраниската прес-служба.

Претседателката на Пратеничката група, Благица Ласовска истакнала дека Хрватска е искрен пријател, без отворени прашања. - Соработката и размената на искуства меѓу овие Групи може да придонесе за унапредување на ефикасноста на законодавната власт, но и на севкупните односи меѓу двете земји, посочила Ласовска. 

Таа се заблагодарила за поддршката што Хрватска континуирано ни ја дава во евроинтегративниот процес, a хрватските искуства на тој пат се значајни за нашата земја и се од помош во спроведувањето на реформите и усогласувањето со законодавството на ЕУ. 

-И покрај предизвиците, како држава остануваме посветени на Берлинскиот процес, бидејќи основата на соработката го става помирувањето на земјите во Регионот и оставање на минатото во историјата, каде што и реално припаѓа, посочила  Ласовска. 

Амбасадорката Тигањ ја нагласила интензивната комуникација, континуирана поддршка и вложените напори од Хрватска на нашиот европскиот пат. Во тој контекст, изразила надеж на што поскоро решавање на спорот со Бугарија, носење реформски закони, структурни промени, сѐ со цел отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, кое носи многу бенефити за добробит на граѓаните. 

-Присутните беа согласни дека во идниот период треба да се интензивира меѓупарламентарната соработка преку Групите за соработка, со заемни посети, но и средби на високо ниво. Исто така има потенцијал за зголемување на соработката во повеќе сфери, како здравство, образование, туризам, агрокултура, бизнис, во насока на што поголема видливост на Хрватска на овие простори, се наведува во соопштението. дма/ац/

Фото: Собрание на РСМ

 

Остани поврзан